Европејците плаќаат различни цени за лековите во зависност од тоа каде живеат, но трошат значително помалку од граѓаните на САД. Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот ја критикуваше Европската унија, објавувајќи планови за намалување на цената на лековите за американските граѓани.
„Ќе платиме колку Европа“, им рече Трамп на новинарите, додавајќи дека земјите од ЕУ се „тврди“, „брутални“ и „непристојни“ во нивните преговори со фармацевтските компании.
Цените на лековите во САД се меѓу највисоките во светот. Земјата потрошила 617,2 милијарди долари (542,7 милијарди евра) на лекови во 2022 година, додека 24 европски земји заедно потрошиле 233,5 милијарди долари (205,3 милијарди евра), според анализата на корпорацијата RAND.
Планот на Трамп предвидува врзување на американските цени на лекови со најниските цени во другите развиени земји, освен ако самите производители не ги намалат цените. Сепак, сè уште не е јасно како овој план би можел да се спроведе, ниту колку заштеди ќе им донесе на пациентите во САД.
Цените се повисоки во САД бидејќи фармацевтските компании тврдат дека треба да ги надоместат високите трошоци за развој на нови лекови, додека европските земји преговараат за пониски цени, за разлика од американската влада, која генерално не го прави тоа.
Според извештајот на Светската здравствена организација (СЗО), повеќето европски земји ги земаат предвид и цените на истите лекови во другите земји кога одлучуваат колку се подготвени да платат. Сепак, Европејците не плаќаат исто за лековите – цените варираат во зависност од земјата.
На пример, Швајцарија троши просечно 525 евра по човек годишно за лекови, додека Хрватска издвојува 262 евра. Една од причините се доверливите преговори со фармацевтските компании, кои според критичарите можат дополнително да ја зголемат цената на и онака скапите лекови.
Земјите се водат според различни критериуми кога преговараат. Во Англија и во Шведска односот на трошоците и придобивките е клучен, додека Германија проценува колку новиот лек може да ја подобри состојбата на пациентите во споредба со постоечките терапии.
Истовремено, и цените на лековите во европските земји се зголемени во последните години. Во Германија, на пример, трошоците за лекови во болниците се зголемија за 11,5 отсто, а во аптеките за 2,6 отсто меѓу 2012 и 2022 година. Здравствените осигуреници минатата година предупредија дека зголемувањето на цените на лековите веќе го оптоварува државниот буџет.
Во Европа, исто така, постојат разлики во тоа кој точно ги сноси трошоците за лекови – повеќето се покриени од јавните здравствени системи, но некои се платени и од џеб или преку дополнително здравствено осигурување. Во балтичките земји, според СЗО, пациентите можат да плаќаат различни цени за ист лек, во зависност од тоа каква болест имаат. Во Естонија, Полска и во Франција има и рецепти со фиксна партиципација.
Во Кипар во 2022 година државата (заедно со задолжителните здравствени фондови) покривала 90 отсто од вкупните трошоци за лекови, додека во Бугарија тоа учество изнесувало само 23 отсто. Овие податоци ги вклучуваат сите лекови, не само оние на рецепт.
(Kamaitica)
(фото: Pxfuel)