“Дронаџија”, битолска фирма за термографско снимање на фотоволтаични централи! Кога дроновите не се играчка, туку прецизна алатка

- Advertisement -

Не, ова не е уште една приказна за стартап што „се нашол“ на пазарот. Ова е приказна за тројца луѓе – градежен инженер, електро инженер и административен менаџер – кои уште пред светот да стане опседнат со дронови, знаеле дека тие летала можат да решаваат реални проблеми. Од Битола, но со поглед во небото, гледајќи го невидливото за човечкото око со термографија, “Дронаџија“ стана синоним за прецизна дијагностика, интелигентен увид и технолошка елеганција.

Кога градежниот инженер Дамјан Гугучевски, електро-инженерот Стерјо Мушовски и административниот менаџер Филип Ристевски решиле да полетаат – тоа не било метафора. Тие ја формираат ДРОНАЏИЈА – компанија за професионални дрон-услуги, лиценцирана по европски стандарди, со проекти кои вклучуваат термографија, дијагностика на фотоволтаици и иновации во градежништвото.

- Advertisement -

Тие не се дрон-пилоти од YouTube – тие се лиценцирани професионалци со европски сертификати, што летаат таму каде што погледот не стигнува. Дали прават инспекција на фотоволтаични системи, фазно следење на градилишта, или детална термовизиска инспекцијa – секој проект им е летачка мисија.

Прецизна, сигурна, и пред сè – паметна. И токму затоа, ако некогаш ви треба услуга што го гледа она што не се гледа – побарајте ги Дронаџија. Небото не е лимит. Тоа е само нивниот терен. 

- Advertisement -

Новинарка | Љубица Ангелкова

- Advertisement -

Фотограф | Александар Котевски

Почетоци, визија и тим

Вие сте тројца – инженер, инженер и менаџер. Што беше искрата што ве спои над еден дрон и ве претвори во Дронаџија? На почеток беше шега, предлог или конкретен план?

Идејата се роди кога сфативме дека заедно носиме комплетна слика – инженерски ум, техничко знаење и административна структура. Дронаџија, во суштина, е симболичен лик што ние тројца заедно го креиравме: некој што знае да лета дрон, да чита термографски податоци и да ги претвори тие информации во употреблива анализа.

Почнавме со јасен план. Идејата потекна од еден од нас, но низ разговори и споделување, планот се надградуваше сè додека не направивме конкретен прв чекор.

Колку време помина од идеја до прв комерцијален лет? И кој беше „првиот клиент што веруваше“?

Помина речиси цела година, период во кој ја набавивме потребната опрема, спроведовме обуки, обезбедивме дозволи и ги поминавме сите почетни административни бариери. Првиот клиент беше инвеститор во една од првите фотоволтаични централи во близина на Битола. Тие покажаа интерес и доверба, што ни даде силен импулс да продолжиме – не како хоби, туку како сериозен технолошки бизнис.

Како изгледа да градиш технолошка компанија во Битола? Помага ли локалната средина или мора да мислите глобално од старт?

Реално – локалната средина не нè охрабри. Темата е сè уште голема непознаница, и не можеме да сметаме на институционална поддршка. Сами го пробиваме патот. Но имаме нешто што ја надоместува таа празнина: интернетот и вештачката интелигенција – алатки што секојдневно ги користиме за надградба на знаењата и следење на новитети. Никогаш не сме се ограничувале само на Битола. Регионалниот и глобалниот пазар отсекогаш биле дел од нашата визија.

Услуги и експертиза

За луѓето што мислат дека дроновите се само за снимање свадби и концерти – објаснете ни што сè правите вие.

Нашата специјалност е термовизиска инспекција на фотоволтаици, без разлика дали станува збор за големи централи или панели поставени на кровови. Покрај тоа, имаме повеќегодишно искуство во следење и документирање на градежни процеси, како и во видеографија со техничка прецизност.

Како изгледа една термовизиска инспекција на фотоволтаици? Што точно гледате што другите не можат да го видат?

Термовизиската инспекција со дрон и термална камера ни овозможува брза, безбедна и детална проценка на функционалноста на панелите. Наместо рачно и поединечно испитување, ние со еден лет анализираме цела централа во пет пати пократко време, без да се прекине производството на струја.

Прецизно ги откриваме и најситните аномалии – од оштетени ќелии до потенцијални ризици за пожари – со што клиентот добива не само дијагноза, туку и заштеда и превенција. Нашата услуга е целосен процес: планирање, изведба, анализа на податоци и изработка на детален извештај.

Што точно е термографијата и зошто е важна?

Термографијата е техника за визуелизација на температурни разлики преку инфрацрвено снимање. Сите објекти што емитираат топлина може да се „прочитаат“ преку термална слика – термограм, каде различните температури се прикажани преку боја.

Овој метод овозможува да се види она што човечкото око не го гледа – а тоа често значи навремена реакција, сигурност и заштеда.

Колку е важна европската лиценца и што разликува лиценциран пилот од „ентузијаст со дрон“?

Стекнувањето европска лиценца подразбира и теоретско знаење и положен испит пред овластена институција за цивилно воздухопловство. Лиценцираниот пилот знае да процени ризик, да реагира на временски услови, да почитува воздушни регулативи и безбедносни растојанија.

Наспроти тоа, ентузијастот често несвесно го изложува и себе и другите на ризик – нешто што станува јасно дури по завршување на професионалната обука. Во нашата работа, безбедноста е темел, не избор.

Дронови и градежништво: новата перспектива

Каква е улогата на дроновите во градежништвото денес – и каде оди ова поле? Дали македонските градежни фирми се доволно свесни за потенцијалот на дроновите, или сè уште има скепса?

Улогата на дроновите во градежништвото е сè поголема и поважна. Освен за геодетски мерења и мапирање на тешко достапни терени, тие овозможуваат јасен увид во текот на изведбата – без физичко присуство на лице место. Можеме да документираме напредок неделно, па дури и дневно. И тоа не е само визуелен запис туку алатка за планирање, ревизија и оптимизација на целиот процес.

Во светот веќе се користат дронови и за логистика – пренос на градежни материјали, фотоволтаични панели и друго. Полето експоненцијално се шири.

Кај нас, би рекле дека скепсата не е проблем – проблемот е недоволната информираност. Постојат предрасуди дека ваквите технологии се скапи, а всушност примената на дронови носи директна заштеда во време, пари, човечки ресурси и ризик.

Имате ли сопствен софтвер за обработка на податоци или користите надворешни алатки?

Моментално користиме специјализирани онлајн алатки кои ни овозможуваат детална анализа и презентација на резултатите. Сè уште немаме сопствена платформа – но тоа е една од следните фази во развојот. Тоа е, всушност, и еден од поголемите трошоци во нашата работа – но и нешто што го гледаме како неопходна инвестиција.

Безбедност, лиценци и неочекувани откритија

Вие сте со европски лиценци обезбедени во ЕУ. Што значи тоа во пракса и колку е важно за клиентите?

Европската лиценца не е само формалност – таа е гаранција за професионалност. Таа значи дека летот е пријавен, пилотот е обучен да процени ризици, да следи протоколи и да делува според европски стандарди. За клиентите, тоа значи сигурност – не само во квалитетот на услугата, туку и во правната и безбедносната заштита. Во секоја наша операција вклучено е и осигурување од можни штети врз нивната опрема или објекти.

Имало ли момент кога технологијата ве довела до неочекувано откритие – нешто што не би се забележало со човечко око?

Да – и тоа уште при една од првите термовизиски инспекции. Иако се работеше за сосема нова фотоволтаична централа, откривме панели со фабричка грешка. Благодарение на детекцијата, клиентот доби валиден доказ и веднаш ги замени панелите по гаранција.

Имало и посмешни моменти – често наоѓаме заборавени предмети на кровови: алат, парчиња облека, метли, четки… Работи што може да го загрозат системот – но кои никој не би ги забележал од земја.

Кој беше најекстремен, најнеобичен или најубав терен на кој сте летале досега?

За дроновите речиси и да нема недостапен терен – но природата знае да биде непредвидлива. Најекстремна ситуација имавме при термовизиска инспекција во Преспа, кога за помалку од три минути временските услови драстично се сменија. Силен ветер и крупен дожд – а дронот беше над еден километар оддалечен. Тоа се моменти кога мораш да мислиш брзо, смирено и прецизно.

Најубав терен? Секогаш – недопрената природа. Мисии што не се комерцијални, туку за вежба, снимање, уживање… Денот е толку подобар колку што се потрошени повеќе дронски батерии.

Како изгледа еден ден во Дронаџија – од подготовка до изработка на извештајот?

Сè почнува неколку денови однапред – со следење на временска прогноза. На денот на мисијата, опремата се проверува до најмал детаљ: батерии, мемориски картички, резерви, полначи, термална и визуелна камера.

На терен прво правиме визуелен лет за увид, па ја дефинираме мисијата. Следи термовизиско снимање – најчесто се повторува неколку пати за целосна покриеност. Податоците ги проверуваме на лице место, но најголемиот дел од работата е постпродукцијата – обработка, анализа и изработка на финален извештај.

Што е најголем предизвик кога клиент прв пат соработува со вас?

Да сфати дека ова не е „лет од 30 минути“, туку комплексна операција.нСтанува збор за сериозна опрема, изложена на ризик, поддржана со часови подготовка, илјадници фотографии и анализа што се пакуваат во еден прецизен, технички и применлив извештај.

default

Иднина, технологија и малку филозофија

Дронаџија за 5 години – како ја замислувате?

Со повеќе дронови, повеќе мисии и – што е најважно – со доверба што расте. Сакаме да видиме пошироко препознавање од институциите, но и повисока свест за улогата на дроновите во секојдневното работење. Веќе не сме само „интересен стартап“ – сме технолошка поддршка за системи што бараат сигурност и прецизност.

Како ја следите технологијата – има ли нешто ново што ве предизвикува?

Секој ден излегува нешто ново – мораш да си буден. Ги следиме иновациите во опрема, камери, батерии, платформи. Во моментов, особено нè предизвикуваат карго-дроновите – дронови за транспорт на товар. Тоа е иднина што веќе тропа.

Ако дроновите се алатка за гледање одозгора – што е она што треба да го гледаме подлабоко во бизнисот денес?

Треба да прифатиме дека технологијата не е „мода“ – туку нова нормала. Дроновите заменуваат застарени практики со поефикасни, побрзи и побезбедни решенија. Но тоа важи и за нас – давателите на услуги. Мораме постојано да се прилагодуваме, да учиме и да бидеме спремни за промена.

Што никогаш не би направиле, дури и ако носи профит?

Никогаш не би извршиле манипулација со податоци. Нашата работа е фактографска: точни слики, датуми, локации. Ако заборавиме мемориска картичка – тоа ќе го признаеме и ќе се вратиме на терен. Транспарентноста и интегритетот ни се поважни од секоја заработка.

Кога клиент ве бара првпат – што сакате да знае уште пред да почне разговорот?

Дека сме лиценцирани, дека летот ќе биде пријавен, објектот осигуран, а услугата – професионално изведена. И дека нема импровизација. Само лет со цел.

И конечно – што значи да бидеш „дронаџија“ во 2025?

Тоа значи да легнуваш со технолошки вести – и да се будиш со нова идеја.

Да летаат твоите дронови – ама и твојата свест.

Да сакаш да набавиш уште нешто ново, не затоа што е модерно – туку затоа што ќе ти го направи летот подобар. И посигурен.

Сподели!
- Advertisement -