Откриена нова џуџеста планета во Сончевиот систем

- Advertisement -

Ледениот свет на самите рабови на Сончевиот систем фрли нов сомнеж за постоењето на џиновска планета далеку од орбитата на Нептун. Објектот, именуван 2017 OF201, го откриле Сихао Ченг и неговите колеги од Американскиот институт за напредни студии во Принстон, анализирајќи архивски податоци.

Со дијаметар од околу 700 километри, 2017 OF201 веројатно ги исполнува условите за статусот на џуџеста планета. Неговата орбита е крајно невообичаена, бидејќи кога е најблиску до Сонцето е оддалечена 44,5 астрономски единици (AU), што е слично на Плутон, додека неговата најдалечна точка е оддалечена преку 1.600 астрономски единици од Сонцето, објасни Ченг. За споредба, Земјата се наоѓа на растојание од 1 астрономска единица од Сонцето, односно растојанието на Земјата од Сонцето е мерка за астрономската единица.

- Advertisement -

Оваа џуџеста планета го поминува поголемиот дел од својата 25.000-годишна орбита далеку од сончевата светлина, во регион во близина на внатрешниот Орт облак. Тимот на Ченг го пронашол со анализа на податоците од DECaLS (Истражувањето за наследство на камерата со темна енергија) и телескопот CFHT (Канада-Франција-Хаваи ), кој го снимил 19 пати од 2011 до 2018 година.

Претходните откритија на транс-нептунски објекти (TNOs) покажало групирање на орбити, што некои научници го толкуваа како доказ за постоење на скриена масивна планета или мистериозната деветта планета на Сончевиот систем, но орбитата на 2017 OF201 не одговара на таа шема.

- Advertisement -

Симулациите спроведени од тимот на Ченг покажале дека орбитата на 2017 OF201 е стабилна во Сончев систем без планетата девет. Доколку постои таква планета, гравитациската интеракција со Нептун би го исфрлила објектот од системот во рок од 100 милиони години. Овој објект е еден од најсилните докази досега против постоењето на планетата девет, истакнува Ченг.

2017 OF201 поминува само еден процент од своето орбитално време доволно блиску за да го откриеме. Присуството само на овој објект сугерира дека би можело да има уште стотици објекти слични по големина и орбита, заклучува Ченг.

- Advertisement -

Откритието е опишано во студија која моментално се наоѓа на arXiv и официјално е призната од Меѓународната астрономска унија.

(Science Alert)

(фото: Pixabay)

Сподели!
- Advertisement -