Интервју со Иван Кикерков и Коста Марковски од Galactic Omnivor, колектив на креативци обединети околу заедничката страст – креирање игри во сите форми, од физички до дигитални. Повод за овој разговор е воспоставената соработка со Инфјужн фестивалот на инклузија. Настанот кој започнува на 11 јуни опфаќа вкупно 30 настани во 5 денови кои ќе вдахнат нова димензија во културно-уметничката преобразба на метрополата
Разговараше – Верица Јорданова
Со Инфјужн фестивалот воспоставувате соработка на долг рок. Кои се содржините кои може да се очекуваат од вашата заедница во магичниот Парк Македонија до Домот на култура Биљана Беличанец на 14 и 15 јуни?
Горди и среќни сме на поканата за учество на Инфјужн фестивалот. Прекрасна прилика за нас да покажеме една интересна и уникатна перспектива на творење. Таму ќе се прикаже еден од аспектите на дејствување на Галактик Омнивор во локалната гејминг сфера. Тоа е играта DND ( Dungeons and Dragons) каде што играчите создаваат ликови и тргнуваат на авантури во светот на фантазијата, водени од Dungeon Master (DM) – нараторот, судијата и креаторот на светот.
- Конкретно за овој настан замислата ни е да се промовира друштвениот аспект на играњето игри. Сакаме да го споделиме задоволството кое ние го доживуваме кога играме и твориме игри. Воедно сакаме да ги експонираме локалните актери кои се проминентни во нашето блиску опкружување, а тоа се:
Зандана – Колектив чија мисија е да едуцира луѓе за играта DnD, а воедно големи заљубеници во истата.
Print n Play – Македонска компанија која прави принтабилни игри кои ги пласира како на домашен така и на светскиот пазар.
Deno Games – Нов македонски бренд за физички игри.
Arcane Alcove – бренд кој е специјализиран за алатки кои им го олеснуваат играњето на учесниците во една DnD сесија.
Cantrip – Локална физичка продавница со широк спектар на опрема за играње DnD.


Дали има зголемен интерес кај младите за ваков тип на игри?
Откако го започнавме нашето здружение, сведочиме на голем пораст на интересот за гејминг кај младите. Сѐ повеќе колективи се појавуваат со волја и визија – како што е Зандана, наши верни сојузници во оваа галактичка авантура. Нивниот пример покажува колку моќна може да биде заедницата кога е водена од љубов кон игрите и креативноста.
Дали земјата има свои претставници во оваа област надвор од неа, како стоиме во конкуренција со други земји од регионот?
Да, Македонија има многу неопеани херои кои секојдневно ги водат своите битки во светот на game-dev-от.
Галактик Омнивор не гледа конкуренција. Ние гледаме сојузници, партнери и пријатели што ја делат истата љубов кон игрите. Заедно градиме сцена каде што креативноста и соработката се поважни од натпреварот.
Дали новините во гејминг индустријата во најразвиените земји е нешто што и кај нас се
следи и е тренд или постои празнина меѓу нас и напредокот во тие држави?
Поразвиените земји најчесто се поголеми земји од Македонија и е нормално да креираат повеќе производи кои излегуваат на пазарот. Затоа може да изгледа како да заостануваме во следењето на новитетите, но нашето патување нè научи на спротивното — запознавме многу способни, креативни и посветени луѓе кои, на еден или друг начин, успеале да ги претворат своите идеи во реалност.
Мисијата на Galactic Omnivore е да го подигне нивото на гејминг сцената во Македонија, да создаде безбеден простор за развој, соработка и напредок – за сите што веруваат во моќта на игрите како медиум. Веруваме дека со здружени сили можеме секојдневно да стануваме подобри, похрабри и покреативни.


Каква е иднината во гејминг индустријата воопшто, особено влијанието на AI во нејзиниот развој?
Иднината на гејминг индустријата е динамична, технолошки возбудлива и сè повеќе обликувана од вештачка интелигенција (AI). Еве што нè очекува:
Идни трендови во гејминг индустријата:
- Поголем фокус на персонализирано искуство: Игрите ќе стануваат попаметни, адаптирајќи се на стилот и одлуките на играчот – создавајќи уникатни авантури за секого.
- Интеграција со други медиуми: Гејмингот сè повеќе се меша со филм, музика, стриминг и интерактивни искуства.
- Cloud gaming & XR (VR/AR/MR): Ќе можеш да играш моќни игри од било каде, а XR уредите ќе понудат уште поимпресивна имерзија.
- Игри како платформи: Многу игри ќе станат цели виртуелни светови каде се учи, социјализира, и дури и заработува (види Roblox, Fortnite).
Улогата на AI во гејмингот:
- Паметни непријатели и сојузници: AI веќе креира покомплексни NPC-еви кои реагираат реално и учат од однесувањето на играчот.
- Генерација на содржина: Со AI може автоматски да се креираат мапи, дијалози, квестови, па дури и цели светови.
- Интерактивни наративи: Играчите ќе комуницираат со ликови кои разбираат природен јазик – разговори што се водат како со вистински луѓе.
- Помош при развој: AI алатки веќе им помагаат на девелоперите да пишуваат код, прават анимации, создаваат assets и QA тестирање – што значи побрз развој и повеќе простор за креативност.
“Еве на пример, ова прашање го одговоривме со помош на вештачка интелигенција” 😊
Што значи игри создавани со поддршка на AI? Тоа е дел од програмата, исто како и прототипирање на сопствена игра под менторсто? Може да ни кажете како ќе изгледа процесот?
Како што спомнавме, покрај дигитални, во Galactic Omnivore креираме и физички игри. Целта на оваа секција е брзо прототипирање и материјализирање на идеи, со фокус на интеракција и експериментирање.
Овозможуваме на посетителите на фестивалот брзо и креативно искуство – од идеја до игра, сѐ во рок од еден час. Ова е дел од нашата мисија да го доближиме процесот на креирање игри до секој што сака да проба, без технички бариери. Користиме AI алатки развиени од член на нашата заедница, дизајнирани од гејмер – за гејмери, кои овозможуваат инспирација, генерација на содржини и водство низ процесот на дизајн.


Постојат ли информации колкава е заедницата на игри, вклучително и друштвените, кај нас?
Во моментов нема официјална статистика за точната големина на гејминг заедницата во Македонија, но според неофицијални проценки, таа брои меѓу 15.000 и 20.000 активни гејмери. Овие бројки опфаќаат и љубители на видео игри, и на друштвени игри, и на различни форми на игриво учество. Секако, ова е само приближна проценка — веруваме дека идни истражувања ќе ни дадат попрецизни податоци.
Но, ако погледнеме пошироко, може да кажеме дека сите сме гејмери на некој начин. Игрите се дел од нашето детство, од нашето учење и развој. Играњето е еден од најприродните начини преку кои децата — и возрасните — учат, комуницираат и се изразуваат.
Затоа, кога зборуваме за „заедницата на игри“, не зборуваме само за оние што играат на компјутер или конзола, туку за цел еден спектар на луѓе што преку игра создаваат, учат и се поврзуваат едни со други.
Дали лица со попреченост се дел од вашата заедница или ова е прв обид да се привлече вниманието и на оние кои имаат попреченост, а имаат огромен потенцијал во оваа област?
Ние и претходно сме соработувале со организации кои ги застапуваат овие заедници. Нашата цел е да ги привлечеме сите што се заинтересирани за креирање игри, без разлика на нивната позадина.
Токму затоа дел од нашите алатки се дизајнирани како поддршка за пристапно креирање содржини – со кои овие лица можат да ја раскажат својата приказна, да ја подигнат свеста во општеството и да ги истакнат предизвиците што ги живеат секојдневно. На крајот на денот, волјата е една, а начините се илјадници. Ние само го нудиме еден од тие начини – можност за секој што има желба да твори преку моќта на современиот медиум наречен гејминг.