KTM-ES нуди уникатен модел за добивање фотоволтаична централа по принципот „клуч на рака“

- Advertisement -

Она на што долго време се укажуваше од експертската јавност – потребата од поголемо искористување на сончевата енергија полека станува реалност. Се повеќе компании и поединци во земјава инсталираат фотоволтаични централи, a расте интересот и на претприемачите за влез во овој бизнис. Еден од нив е Марјан Јовчевски, претприемач од Штип од текстилната индустрија. Со него разговаравме за мотивите да влезе во бизнисот со фотоволтаични електрани.

Разговараше – Верица Јорданова

- Advertisement -

Во моето 25 годишно искуство во различни бизнис сектори, се имам вклучено во многу компании како со-инвеститор, а некаде и како директен инвеститор. Енергетската криза ми даде знак дека во иднина ќе расте потребата од електрична енергија, а долгогодишниот недостаток на електрична енергија кој нашата држава го увезува, имаше клучна улога во мојата одлука дека треба во иднина да размислувам за производство на електрична енергија од обновливи извори, односно од сонцето. Тоа беше еден од клучните чинители кога се одлучив да инвестирам во фотоволтаични централи кои ќе произведуваат електрична енергија.

Кажете ни нешто повеќе за компанијата KTM Energy Solutions. Колку и какви проекти досега имате реализирано?

- Advertisement -

КТМ-ЕС е компанија формирана во 2022 година од тројца партнери. Јас како сопственик на Јофа-текс и Инвестра, Кристијан Колев – долгогодишен директор на ИТ секторот во Телеком и етаблираниот бизнисмен во градежниот сектор, и Трајче Димитров, сопственик на фирмата ИСКОП и со-сопственик на компанијата Инвестра. Ги здруживме силите, нашето знаење и финансии за да формираме една сериозна компанија која ќе делува на локалниот македонски пазар, но со амбиција да продолжи со интернационални проекти за градење, имплементирање и одржување на фотоволтаични централи. Во втората половина на 2022 година, КТМ-ЕС во рок од 6 месеци имплементираше (на земја и на кров) повеќе од 10MW фотоелектрични централи, кои моментално работат беспрекорно. Со тоа КТМ-ЕС, како општествено одговорна компанија, придонесе за над 15 милиони килограми помала емисија на штетни гасови.

На стартот на 2023 година, КТМ-ЕС веќе има договорено проекти за централи со моќност од околу 30MW. Станува збор за објекти кои треба да се изградат по принципот клуч на рака, почнувајќи од проектирање, градење, вклучување во постојната напонска мрежа и следење на производството. Со тоа придонесуваме за намалување на околу 50 милиони килограми штетни гасови годишно.

Колку последниве законски измени со кои се укинаа голем број одобренија и документација се олеснување за компаниите кои проектираат, изведуваат и инвестираат во соларни централи?

- Advertisement -

Во моментов Владата на РСМ се труди да го олесни патот за побрзо имплементирање на фотоволтаичните централи. Првиот чекор вроди со плод. Централите на кров станаа многу полесно достапни за компаниите, а во последно време и за населението. Притоа мислам на 6 киловатните мали централи кои ги промовираше владата. Сметам дека ова законско решение би требало да се промени или дополни во насока на тоа да Владата да овозможи целосно субвенционирање на овие мали централи. Со тоа ќе се овозможи бесплатно поставување на мали фотоволтаични централи набавени од Владата, а граѓаните да дозволат да се постават на нивниот кров. Придобивка на граѓаните ќе биде тоа што за тие 9MWh кои ќе ги произведе оваа централа на годишно ниво, ќе се искомпензира скапата струја која ја плаќаат граѓаните, а уште поскапо ја набавува државата. По просечната цена на електричната енергија од минатата година, оваа мала централа ќе заработи околу 2000 евра годишно, а со самиот факт дека таа чини околу 4000 евра, во првите 2 години ќе ја врати инвестицијата која владата бесплатно ќе ја поставува на крововите на граѓаните. Бидејќи оптималното време на користење на фотоволтаичните панели е околу 20 години, остануваат 18 години за експлоатација на оваа централа и производство на енергија која граѓаните ќе ја користат без никаков надомест.

Кои се вашите клиенти? Дали компаниите или индивидуалните инвеститори имаат поголем интерес за инвестирање во соларна енергија?

Минатата година, после КОВИД 19, бизнис секторот неочекувано се соочи со еден огромен предизвик, односно со енергетската криза. На пазарот имаше недостиг на електрична енергија, која кај нас и во регионот повеќе од 80% се произведува од фосилни горива кои претставуваат скап енергенс.
Со огромниот раст на цената на електричната енергија, компаниите се доведоа во ситуација да не можат да си ги платат сметките за струја и да се на работ на пропаѓање. Затоа, повеќето од нив се одлучија да инвестираат во фотоволтаични централи кои ја користат сончевата енергија за производство на струја. Со тоа со право можам да кажам дека ние денес имаме зелени компании кои само-одржливо произведуваат енергија, не ја загадуваат околината, а генерираат додадена вредност со нивниот бизнис во нашата држава. Затоа мојот слоган е: македонско сонце за домашна електрична енергија.

Можете ли според досегашното искуство и според моменталните цени на електричната енергија да направите една пресметка за инвестиција во соларна централа, време на поврат на инвестицијата и очекуван приход од истата?

Во моментов цената на електричната енергија по HU-PEX (унгарската берза за ел. енергија) се движи помеѓу 180-600 евра за 1MWh. Фотонапонска централа од 1MW инсталирана моќност, произведува околу 1500MWh годишно, кои по средна цена од 250 евра по мегават час, инвестицијата од 600.000 евра (цена на чинење на една централа од 1MW) се враќа во рок од една и пол година. Но, ова не е реална пресметка, бидејќи за долгорочна инвестиција не треба да калкулираме со толку високи цени. Цената по која, според мене, треба да се калкулира повратот на инвестицијата во фотонапонска централа е 120 евра по 1MWh. Во тој случај инвестицијата ќе се врати за 3 години. Остануваат 17 години за експлоатација на централата и генерирање на приход. Со оваа калкулација, овој бизнис е повеќе од интересен за инвестиција бидејќи не бара работна сила и е високо технолошки. Дополнително, лесен е за одржување, a опремата има долгогодишна гаранција на квалитет.

Кои се проектите на кои моментално работите и кои се клучните предизвици со кои се соочувате? Што би требало да се измени/подобри за континуирано да расте искористувањето на сончевата енергија?

Минатата година се соочивме со недостаток на опрема потребна за овој сектор. Имаше недостаток на микро чипови кои се клучни делови за производство на инвертерите, кои се клучни за конверзија на струјата од еднонасочна во наизменична. Исто така се соочивме со недостаток на фото ќелии за производство на фотоволтаичните панели. Нашите кинески партнери ни помогнаа многу за побрзо производство и испорака на опремата. Сега во моментов го решивме проблемот со лагерување на опрема која е доволна за да се изградат повеќе од 5MW фотоволтаични централи.

Моментално работиме на проекти со моќност од околу 30MW од кои околу 25MW се на земја и 5MW на кров. Планирано време за завршување на овие проекти е втората половина од 2023 година.

Мислам дека на државата и е итно потребно формирање на министерство за енергетика кое ќе се грижи за сите енергетски ресурси. Тука не мислам само за фотонапонските ресурси, туку и енергијата од термоцентралите, хидроцентралите, ветерни централи, гасните централи, вишокот на производство и недостатоците на производство на електрична енергија во нашата држава. Ова министерство би работело на развивање на стратегија каква енергија и е потребна на Македонија и со тоа ќе ги насочува инвеститорите во таа насока.

Кога е во прашање зелената енергија произведена од сонце, ветер и биогас западноевропските земји ја субвенционираат на тој начин што на сите индустриски капацитети и загадувачи на природата им го намалува зелениот данок (environment tax) за сметка на тоа што тие компании ќе набават зелена енергија. Да образложам. Државата им ја плаќа струјата на индустиските капацитети, наместо самата компанија да плати зелен данок, кој сè уште не е имплементиран во нашата држава. Се надевам дека овој данок многу брзо ќе се воведе и во нашата држава. Со тоа ќе се мотивира изградбата на нови капацитети на зелена енергија, а ќе се демотивира досегашното производство на енергија од фосили горива во термоцентралите, кои најчесто работа на јаглен и мазут.

Какви ви се плановите за во следниот среднорочен период?

Македонија стана лидер во регионот во производство на електрична енергија од обновливи извори. Со 152MWh часови капацитети со зелена енергија, Македонија оправдано го има приматот на лидер во регионот во производство на енергија од обновливи извори. Ова, како менаџмент на КТМ-ЕС не охрабрува и ни дава мотив да продолжиме да го зголемуваме производството на инсталирани фотоволтаични централи и да станеме лидер на регионалниот пазар за електрична енергија од обновливи извори.

Сподели!
- Advertisement -