Стриминг платформата Глеј понуди акции на продажба преку Македонска берза

- Advertisement -

Компанијата СВОД МАСТЕР АД СКОПЈЕ (сопственик на стриминг платформата „Глеј“) почна процес на докапитализација со издавање нови хартии од вредност по пат на иницијална јавна понуда (IPO) на Македонската берза. Со првата ваква иницијална понуда, од страна на македонска компанија на сите физички и правни лица, ќе бидат понудени 200.000 обични акции со продажна цена од 600 денари по акција и вкупна вредност на емисијата од 120.000.000 денари.

Средствата добиени од оваа продажба, одобрена од Комисијата за хартии од вредност, СВОД МАСТЕР ќе ги намени за зголемување и подобрување на домашната продукција, развој на технолошки решенија за подобра монетизација и зајакнато пазарно присуство. Тикер на акциите кои се предмет на јавната понуда се категоризирани како GLEJA31.

- Advertisement -

„Ова е чекор од историско значење за „Глеј“ и за македонскиот технолошки и медиумски сектор. Со излегување на берза, покажуваме дека и домашна компанија може да гради модел на раст преку транспарентност, иновативност и вклучување на јавноста. Капиталот што ќе го собереме во најголема мерка ќе биде вложен директно во домашна квалитетна продукција и видео содржина која ќе биде достапна за секое семејство во Македонија и за сите во дијаспората. Веруваме дека „Глеј“ со иновативен хибриден модел на монетизација, преку претплати и реклами, може да стане лидер во продукција и испорака на премиум македонска содржина, а во плановите е и регионално проширување засновано на овој концепт“, вели Дарко Перушески, извршен директор и ко-основач на СВОД – МАСТЕР АД.

Според Комисијата за хартии од вредност „запишувањето ќе се врши преку Македонска берза, согласно моделот на одредување минимална продажна цена со давање приоритет на налози со повисока цена и порано време на внес на налог во БЕСТ системот. Јавната понуда ќе се смета за успешна доколку во предвидениот рок од 60 дена се запишани и уплатени минимум 60% од понудените обични акции“. Последен датум за запишување на акциите е 25 август 2025 година.

- Advertisement -

„Илирика Инвестментс одлучно стои во поддршка на IPO-тона Свод Мастер. „Глеј“ е современ бизнис модел, кој покажа успешен почеток и има потенцијал за раст – тоа е добредојдено на домашниот пазар на капитал. Оваа иницијална јавна понуда е позитивен сигнал дека домашниот пазар на капитал созрева и дека сè повеќе компании се подготвени да се финансираат преку јавна сопственост. Успешен почеток, современ бизнис модел, јасен пазар и монетизација на секој чекор – тоа се карактеристики на една вистинска ‘growth’ компанија. Свод Мастер ги има сите“, објасни Кирил Куцулоски, финаниски аналитичар од брокерското друштво Илирика Инвестментс АД, кое се јавува како покровител на понудата.

Свод Мастер ја направи првата иницијална јавна понуда на акции (IPO) на домашната Берза. Наместо да користи банкарски кредити, компанијата се реши да излезе на Македонска берза и на тој начин, да обезбеди капитал за инвестиции во проекти кои ќе придонесат за поголем раст на компанијата.

- Advertisement -

Сите заинтересирани инвеститори и граѓани кои сакаат да дознаат повеќе за јавната понуда на нови хартии од вредност и идните планови на компанијата, може да се информираат преку официјалните веб-страници на СВОД МАСТЕР АД СКОПЈЕ и Македонската берза.

Сподели!
- Advertisement -