Турската компанија „Чагатај кабло“ ќе отвора нов погон во ТИРЗ „Бунарџик“, а камен-темелникот ќе биде поставен утре. Како што најави денеска премиерот Христијан Мицкоски, се работи за дополнителна инвестиција од шест милиони евра и 200 нови вработувања.
-Имаме инвестициски процес во периодот што следи. Нова инвестиција ќе има утре, „Чагатај кабло“ која веќе функционира кај нас, но ќе најават проширување, дополнителна инвестиција од 6 милиони евра. Ќе направат нов погон во кој ќе го прошират својот асортиман, а утре е поставувањето на камен-темелникот, истакна Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на „Даре Џамбаз“.
Мицкоски претходно кажа и дека идната недела, на 16 јули, ќе биде поставен камен-темелникот на ветерниот парк во Штип што треба да го гради „Алказар енерџи“, како и дека по одморите ќе има состанок со раководството на турската компанија „Казанџи груп“ за да се дефинираат приоритетите по потпишувањето на Меморандумот што го објави вчера.