Продажбата на мобилни телефони во Кина падна во вториот квартал за прв пат по речиси две години, при што испораките на четири од петте водечки брендови се намалени поради послабата побарувачка. Вкупните испораки на мобилни телефони во Кина се намалиле за 4% во вториот квартал во споредба со истиот период минатата година, на 69 милиони уреди.
Продажбата се намалила за прв пат од третиот квартал од 2023 година. Побарувачката била слаба, со намалени владини субвенции за електронски уреди. Пошироката економска средина останува предизвикувачка, при што довербата на потрошувачите продолжува да биде ниска, велат аналитичарите.
Значително закрепнување на побарувачката за мобилни телефони е малку веројатно во блиска иднина и пазарот се соочува со посложена средина во втората половина од годината. Huawei се проби на врвот на листата на продажба по повеќе од четири години, достигнувајќи пазарен удел од 18,1%, и покрај падот од 3,4% на испораките во споредба со истиот период минатата година и продадени 12,5 милиони мобилни телефони.
Vivo е на второ место по пазарен удел, со најголем пад на испораките во вториот квартал меѓу петте водечки брендови од 10,1%.
Oppo го освои третото место, а Xiaomi e на четвртото, и е единствениот производител меѓу првите пет што продал повеќе мобилни телефони, вкупно 10,4 милиони, што е зголемување од 3,4% во однос на минатата година.
Apple е петти по продажба, со најмал пад на испораките меѓу првите пет брендови, што е намалување од 1,3% во однос на вториот квартал од минатата година и испорачани 9,6 милиони мобилни телефони. Падот е значително поблаг отколку на почетокот на годината благодарение на прилагодувањата на цените за одредени варијанти на iPhone 16 и 16 Pro за да се исполнат барањата за владини субвенции.
Уделот на Apple на кинескиот пазар изнесуваше 13,9% во вториот квартал, што е зголемување од 0,2 процентни поени во однос на почетокот на годината.
(Zimo)
(фото: Pexels)