Една третина од 154 ресторани, кафе барови и продавници не издавале фискални сметки или не поседувале фискален апарат, покажала контрола направена од Управата за јавни приходи. Затворени се пет објекти, три во Охрид и по еден во Гостивар и Струга, поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години, а парично се казнети 52 објекти.
Контролите биле направени минатиот месец во различни типови деловни субјекти, како ресторани, кафе барови, слаткарници, колонијали, продавници за облека и накит, месарници, цвеќарници, рибници туристички агенции и хотел во 13 градови, меѓу кои и туристичките места каде во летниот период има зголемена фреквенција на туристи.
„Од 154 контролирани субјекти, кај 34 отсто, односно кај 52, се утврдени неправилности согласно Законот за регистрирање на готовински промет“, информираат од УЈП.
Најмногу контроли се направени во Струга, Охрид и Ресен, 64, каде што се затекнати и најмногу непочитувања на законот, 26. Во Струга имало 10 неправилности, во Охрид 14, а во Ресен две. Во Скопје извршени се 43 контроли и утврдени се девет неправилности, во Прилеп на пет контроли се најдени три неправилности, а во Струмица и Дојран на извршени 12 контроли, утврдени се две неправилности во Дојран.
Во Тетово, Гостивар и Кичево извршени се 15 контроли, а утврдени се 6 неправилности од кои 4 во Тетово и по една во Гостивар и Кичево, а во Штип, Македонска Каменица и Берово од 15 контроли утврдени се по 3 неправилности во Македонска Каменица и во Берово.
Управата за јавни приходи најави и вкрстени проверки за да ја провери веродостојноста на искажаните приходи кај даночните обврзници. Од институцијата велат дека издавањето фискални сметки и користењето мобилни фискални апарати не претставуваат само законска обврска, туку и клучен чекор кон правично, транспарентно и одговорно деловно опкружување.