Албанија користи вештачка интелигенција за борба против корупцијата и за влез во ЕУ

- Advertisement -

Албанија ја интензивира употребата на вештачка интелигенција (ВИ) во државното управување со цел да го забрза процесот на пристапување кон Европската Унија и борба против корупцијата. Албанскиот премиер Еди Рама минатиот месец ја објави можноста за формирање министерство кое целосно ќе биде управувано од вештачка интелигенција, опишувајќи ја ВИ како „најефикасен иден член на владата“, пишува бриселскиот „Политико“.

„Еден ден, можеби дури и ќе имаме министерство кое целосно ќе биде управувано од вештачка интелигенција. На тој начин нема да има непотизам или конфликт на интереси“, рече Рама на прес-конференција во јули, осврнувајќи се на дигитализацијата.

Локалните ИТ експерти веќе развиваат модели што би можеле да се користат за избор и назначување дигитални министри, а Рама сугерира дека Албанија би можела да стане првата земја со цела влада базирана на ВИ, вклучувајќи го и премиерот.

- Advertisement -

Иако идејата сè уште не е преточена во официјална политика, вештачката интелигенција веќе се применува во неколку сектори на државната администрација: од контрола на јавните набавки и следење на даночните и царинските трансакции, до откривање на нелегални градби, надзор на плажи и плантажи со канабис со употреба на дронови и сателити.

Со цел да се подобри безбедноста на патиштата, властите планираат да користат препознавање на лица за испраќање дигитални предупредувања и казни до возачите. Вештачката интелигенција се користи и во дигиталните јавни услуги – повеќе од 95 проценти од административните услуги се достапни преку порталот е-Албанија, каде што на граѓаните им помага виртуелен службеник за вештачка интелигенција.

- Advertisement -

Според владини податоци, платформата овозможила повеќе од 49 милиони трансакции и им заштедила на граѓаните повеќе од 600 милиони евра. Албанија ги започна преговорите за членство во ЕУ во 2022 година, а вештачката интелигенција сега се користи за преведување и анализа на сложени правни документи во процесот на усогласување со законодавството на ЕУ, кое опфаќа околу 250.000 страници.

Иако властите ги нагласуваат предностите на технологијата, експертите и опозицијата предупредуваат дека вештачката интелигенција не е замена за реформите. Како дел од промотивните активности, вештачката интелигенција беше искористена и за креирање анимирани „бебешки верзии“ на европските лидери на самитот во Тирана во мај, кои ги пречекаа гостите со дигитални гласови на нивниот мајчин јазик.

- Advertisement -

Албанија планира да стане безготовинско општество до 2030 година, додека властите ја истакнуваат дигитализацијата како клучен лост во борбата против корупцијата и на патот кон членство во ЕУ.

Фото – Flickr

Сподели!
- Advertisement -