Stia е нов, уникатен, еколошки и иновативен производ на македонскиот пазар. Се работи за перничиња за наводнување на цвеќиња креација на Ангелика Буровски. Перничињата ги одржуваат цвеќињата хидрирани и до еден месец, а се направени од материјали кои инаку би завршиле на депонија.
Ангелика вели дека Stia не е само еко-производ, туку и локална приказна за одржливост и иновација, бидејќи производството се одвива во Источна Македонија, со што се намалува еколошката трага, а и се создаваат можности за локално вработување и развој во Берово.
Новинар – Сања Наумовска
Ангелика, објасни ни нешто повеќе за Stia еко-перничињата за наводнување на цвеќиња. Колку време работеше на разработка на идејата и колку време постојат како готов производ?
Идејата за Stia не е нешто што се појави одеднаш – таа е резултат на долгогодишна потрага, истражување и искрена да бидам, упорност и сомнеж во исто време. Од првите експерименти до денес поминаа неколку години, но последните две беа најинтензивни. Во тој период заедно со тимот се посветивме целосно на развој, тестирање и усовршување на производот. Првите прототипи ги пробувавме летото 2024 година, и токму тие први мали успеси ни дадоа сила да продолжиме понатаму. Денес, можам со гордост да кажам дека Stia веќе постои како готов производ, со јасна функција, препознатлив бренд и првите задоволни клиенти. Она што најмногу ме радува е што Stia не е само „перниче со вода“, туку симбол на грижа, еко-иновација и едноставни решенија кои прават разлика во секојдневието.
Од какви материјали се направени и дали материјалите се набавуваат локално?
Нашата технологија се темели на тоа што користиме материјали кои инаку не би завршиле во употреба. Тоа се производи кои не ги задоволуваат строгите стандарди на западните пазари и кои обично би завршиле како отпад. Наместо тоа, ние ги трансформираме во нешто ново и корисно (upcycling). Процесот вклучува специјално третирање, создавање на паста и комбинација со други природни елементи за да се добие материјал кој има неверојатна моќ за апсорпција и постепено ослободување на вода. Целиот процес се одвива локално – со тоа не само што ја намалуваме еколошката трага, туку и создадовме можност за локално вработување и развој во Берово. Така, Stia не е само еко-производ, туку и локална приказна за одржливост и иновација.

Објасни ни како функционираат и како успеваат да ја задржат хидратацијата на растенијата подолг период?
Функцијата е едноставна, но моќна. Перничето се потопува во вода за да се активира и потоа се става на површината на саксијата. Она што следува е природен и постепен процес на ослободување на влагата – не премногу, не премалку, туку токму онолку колку што растението му е потребно. На овој начин, Stia го имитира природниот ритам на дожд и сушење на почвата. Водата трае меѓу 14 и 28 дена, а во некои услови дури и повеќе. Ова е особено важно за луѓето кои патуваат, имаат динамичен живот или едноставно забораваат да полеваат. Со Stia, растенијата остануваат здрави и хидрирани, а луѓето мирни и без чувство на вина.
За какви типови цвеќиња се наменети?
Иако првично мислевме дека ќе биде решение само за неколку типови растенија, практиката покажа дека Stia може да се користи за голем број внатрешни растенија. Орхидеите, кои се едни од најчувствителните цвеќиња, добија своја специјална верзија на перничето. Но покрај нив, производот е совршен за зелени растенија, цветни саксии, па дури и за маслинови дрвца. На кратко, секое растение кое има потреба од рамномерна хидратација може да има корист од Stia.
Како дојде на идеја да креираш ваков продукт?
Приказната започна од еден обид да се искористат материјали кои инаку би завршиле на депонија. Прво мислев дека ќе служат за апсорпција на влага од воздухот. Но вистинскиот пресврт се случи една летна ноќ со силен дожд, кога експериментален прототип се наполни со вода и тежеше повеќе од 50 килограми. Тогаш сфатив дека материјалот има огромен потенцијал за апсорпција. Од тоа се роди идејата за нашите „Lamia“ вреќи за поплави. Но, следното прашање беше уште поважно: ако материјалот може да апсорбира толку многу вода, дали може и да ја враќа назад? Кога првпат засадивме домат со перниче под него и после две недели на екстремна жештина го најдовме жив и зелен, знаев дека сме на пат кон нешто големо.
Но, она што мора да го кажам е дека ништо од ова немаше да биде можно без тимот. Секој од нив внесе посебна вештина и дел од себе во Stia. Некој имаше искуство со текстил, друг со производство, а сите заедно ја имавме желбата и упорноста да создадеме нешто ново. Моето искуство како коуч и организациски консултант значеше дека никогаш не функциониравме со класична хиерархија – напротив, работевме како една мала заедница каде секој глас е важен. Без условната поддршка на мајка ми од многу аспекти, која ми овозможи да чекорам храбро, иако во тотална неизвесност. Денес, кога ќе го погледнам производот, јас не гледам само перниче – јас гледам тим на луѓе кои веруваа дека од ништо може да се направи нешто што ќе има значење.

Дали перничињата се продаваат само на македонскиот пазар? Дали планираш да ги понудиш и на други пазари?
Првиот чекор беше Македонија, затоа што сакавме да видиме како луѓето ќе го прифатат производот. Реакциите се фантастични и тоа ни даде храброст да погледнеме пошироко. Stia е првиот производ од ваков вид во Европа и тоа го прави посебно интересен за странските пазари. Веќе имаме отворени разговори со партнери од неколку европски земји, а паралелно добиваме интерес и од надвор од Европа. Нашата цел никогаш не беше само локален пазар – напротив, Stia од самиот почеток ја гледавме како глобално решение за едно многу едноставно, но универзално прашање: како да ги одржиме растенијата живи со помалку напор и грижи.
Какви се твоите планови за во иднина?
Плановите се на повеќе нивоа. Прво, сакаме да продолжиме да ја шириме приказната на Stia во нови пазари и да ја направиме достапна за секое домаќинство кое сака зеленило. Второ, развиваме нови производи, меѓу кои и решенија за заштита од поплави и други климатски предизвици. Но исто така, плановите не се само деловни. Сакаме Stia да биде симбол за тоа дека секој може да бара поддршка и да не чувствува вина. Како секој добар гешталтист ја знам важноста на поддршката. Растенијата имаат безброј бенефити за нашето ментално здравје, Stia е создадена за секој од нас кој сака да има растенија дома, но никогаш не успева. Затоа велиме: ние се грижиме за вашите растенија, а вие грижете се за себе. Тука сме за поддршка, за растенија без чувство на вина.


