Климатските промени и порастот на температурите предизвикани од човечкиот фактор ова лето однеле околу 16.500 животи во Европа, покажува студија на британски научници за климата и здравјето.
Истражувањето опфатило 854 европски градови и покажало дека во периодот јуни–август температурите биле за 2,2 °C повисоки од вообичаениот просек. Во тој период имало околу 24.400 повеќе смртни случаи од просекот, а се проценува дека речиси 70% од нив – односно 16.500 – директно се поврзани со глобалното затоплување.
Научниците нагласуваат дека проценките се добиени преку моделирање, бидејќи многу држави доцнат со официјалните податоци за смртност. Тие предупредуваат дека вистинската бројка може да биде уште повисока, бидејќи топлотните бранови индиректно предизвикуваат раст на срцеви, респираторни и други здравствени проблеми.
Најтешко погодени биле Романија, Бугарија, Грција и Кипар, каде температурите се зголемиле и до 6 °C над просекот. Во само една недела, од 21 до 27 јули, таму се забележани околу 950 дополнителни смртни случаи. Меѓу градовите, најголема смртност имало во Рим (835), Атина (630) и Париз (409). Повеќе од 85% од жртвите биле постари од 65 години, а 40% над 85 години.
Овие податоци се особено загрижувачки бидејќи до 2100 година над 15% од жителите на Европа ќе бидат постари од 80 години, а континентот воедно се затоплува најбрзо во светот. Дополнителен ризик е „урбаниот топлотен остров“, каде што градските температури можат да бидат и до 10 °C повисоки од оние во руралните средини.
„Дури и мали зголемувања од 2 до 4 °C за време на топлотен бран можат да резултираат со илјадници жртви. Затоа топлотните бранови се тивки убијци,“ истакнува коавторот на студијата, Гарифалос Константинудис.
Покрај високите температури, зголемената смртност се должи и на фактори како неподготвеноста на градовите, демографската структура и загадувањето на воздухот. Истражувачите додаваат дека нивната анализа не ги опфаќа сите европски региони, вклучително и делови од Балканот. Ова лето, пак, било четврто најжешко во Европа откако се мерат температурите.
Фото – Flickr