Според него, секој ден кога има штрајк во Франција, „Рајанер“ мора да откаже околу 600 од вкупно 900 летови низ францускиот воздушен простор.
Извршниот директор на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, предупреди дека дури 100.000 патници би можеле да ги изгубат своите летови следната недела поради најавениот штрајк на францускиот синдикат на контролори на летови. Како што пишува „Скај њуз“, членовите на синдикатот SNCTA ќе штрајкуваат од вторник, 7 октомври, до утринските часови во петок, 10 октомври, незадоволни од платите и условите за работа.
О’Лири изјави дека штрајкот ќе предизвика штета од околу 20 милиони фунти за „Рајанер“, но нагласи дека најголемата цена сепак ќе ја сносат патниците. „Околу 600 летови ќе бидат откажани веќе во првите два дена од штрајкот, а речиси сите се таканаречени надлетувања, односно летови што минуваат само низ францускиот воздушен простор“, рече тој.
Тој додаде дека станува збор за „непотребни откажувања“ што ќе влијаат на илјадници луѓе што патуваат од Обединетото Кралство во Шпанија, Италија или Грција. „Тоа е злоупотреба на единствениот европски пазар. Француските контролори имаат право на штрајк, но тоа не треба да значи откажување на летовите од Лондон до Шпанија или од Италија до Ирска“, рече О’Лири.