Грчките пратеници усвоија закон со кој се воведува можност за 13-часовен работен ден во приватниот сектор, што синдикатите и левицата го осудија како „вистински среден век“. По два дена жестока дебата, мнозинството пратеници, особено оние од владејачката десница, гласаа за законот предложен од конзервативната влада.
Законот предвидува дека, со дополнителна исплата, вработениот може да работи до 13 часа дневно за еден работодавач и ограничен број денови во годината.
Една од главните опозициски партии, Сириза одби да учествува во гласањето, осудувајќи го законот како кршење на основните права на работниците.
Можноста за работно време од 13 часа постоеше и претходно, но само доколку вработениот имал две или повеќе работни места и беше начин да се заштитат вработените од прекумерен обем на работа, но сега се претвора во спротивност бидејќи работодавачот може да бара 13 часа работа дневно, а од вработениот зависи дали „доброволно ќе го прифати тоа“.
Ќе биде доброволно
Министерката за труд и социјална сигурност Ники Керамеус повтори во собранието дека тоа ќе биде доброволно и дека ниту еден вработен нема да биде принуден да го стори тоа и, бранејќи ја новата регулатива, рече дека „сега му даваме (на вработениот) можност да извршува дополнителна работа за истиот работодавач, без патување, со 40% повисока плата“.
Таа нагласи дека, според нејзино мислење, „постојат работници кои бараат да работат подолго“, особено во туризмот, еден од главните двигатели на грчката економија, каде што келнерите, хотелскиот персонал и готвачите работат подолго од пропишаните осум часа во лето. Досега, законот во Грција дозволуваше до три часа прекувремена работа покрај тие осум часа.
Пред гласањето на пратениците, министерот за труд уште еднаш нагласи дека новата одредба ќе важи само до 37 дена во годината, односно околу три дена во месецот, и ќе биде на доброволна основа.
Вработените во приватниот и јавниот сектор двапати излегоа на улиците за да го осудат „понатамошното влошување на веќе длабоко проблематичната ситуација“, како што ја опиша најмоќниот синдикат, Грчката конфедерација на вработени во приватниот сектор (GSEE). Се тврди дека многу вработени нема да можат да одбијат да работат 13 часа на ден „со оглед на нерамнотежата на моќ помеѓу работодавачот и вработениот и зголемената неизвесност на пазарот на трудот“.
Синдикатите, исто така, веруваат дека правото на задолжителен дневен одмор од 11 часа ќе биде прекршено, особено поради времето потребно за патување до работното место.
Во Грција, според податоците на Евростат, во вториот квартал од 2025 година, 20,9% од вработените на возраст од 20 до 64 години работеле повеќе од 45 часа неделно, а во целата ЕУ тоа е двојно помалку, со 10,8%.
Владата веќе ја воведе можноста за шестдневна, наместо вообичаената петдневна работна недела, особено во случаи на голема побарувачка во сектори како што е туризмот.
Фото – Freepik


