Кина и САД ги интензивираат преговорите за царините

- Advertisement -

Претставници на Кина и САД планираат да се сретнат што е можно поскоро за нови преговори за тековниот трговски спор, според кинеската официјална новинска агенција Ксинхуа, пренесува ДПА.

Кинескиот вицепремиер Хе Лифенг, чиј ресор се економските и трговските односи со САД, одржа видео-конференција со американскиот секретар за финансии Скот Бесант и советникот за трговија на американскиот претседател Џејмисон Грир. Тие разговараа за клучните прашања во билатералните економски и трговски односи на „отворен, детален и конструктивен“ начин и се согласија да одржат нова рунда консултации што е можно поскоро.

- Advertisement -

Пред повикот, Бесент рече дека двете страни ќе се сретнат „веројатно за една недела“.

„Се надеваме дека Кина ќе ја покаже почитта што им ја покажавме ние“, продолжи Бесент, изразувајќи уверување дека Трамп ќе може да ги „врати работите на вистинскиот пат“ благодарение на неговиот однос со кинескиот претседател Си Џинпинг. Тој рече дека мисли дека трговски договор е можен. Во интервју за американската телевизиска станица Фокс њуз, самиот Трамп ги опиша царините за Кина со кои се заканува како економски неодржливи.

- Advertisement -

Кога беше прашан дали вкупната царинска стапка од 157 проценти е одржлива за економијата и што значи за него, тој рече: „Не е одржлива, но тоа е бројката“, тврдејќи дека Кина го принудила да го стори тоа.

Минатата недела, Трамп се закани дека ќе воведе дополнителни царини од 100 проценти за кинескиот увоз во САД од 1 ноември и дополнителни ограничувања за извоз на софтвер во Кина.

- Advertisement -

Пекинг претходно ја објави својата намера да ги прошири ограничувањата за извоз на ретки руди. Потоа, компаниите ќе треба да добијат дозвола за извоз на 12 од 17-те метали што се важни за индустријата. Во зависност од мерката, тие треба да стапат во сила во ноември или декември.

Средбата меѓу Трамп и Си во Јужна Кореја на крајот на октомври се очекува со нетрпение.

Фото – Pexels

Сподели!
- Advertisement -