Земјата штотуку доби нов придружник во вселената – мал астероид наречен 2025 PN7. Астероидот беше откриен оваа година, но патува со нас од 1960-тите години.
НАСА потврди оваа недела дека карпата, откриена од Универзитетот на Хаваи, е официјално квази-месечина, редок вид небесно тело кое патува речиси точно синхронизирано со Земјата. Значи, не е вистинска Месечина, но ја следи истата патека околу Сонцето, па се чини дека ја следи нашата планета додека орбитира.
Научниците проценуваат дека астероидот е со дијаметар помеѓу 60 и 120 стапки, приближно колку висина на мала зграда. Мал според космичките стандарди, но доволно значаен за да заслужи место во „проширеното соседство“ на Земјата.
За разлика од Месечината, која е цврсто држена од гравитацијата на Земјата, овој астероид не е врзан за нас. Можете да го замислите како пријателски тркач кој трча со исто темпо на патека – доволно блиску за да биде забележан, но никогаш да не ве допре.
Астрономите веруваат дека 2025 PN7 ја следи Земјата околу 60 години и ако ја задржи својата сегашна орбита, ќе остане со нас до 2083 година, кога повторно ќе се оддалечи во вселената. Се приближува до нас на околу 4 милиони километри (десет пати подалеку од Месечината), додека се оддалечува на најоддалеченото растојание, до 17 милиони километри. Оваа постојана игра на приближување и одење подалеку е резултат на гравитационото влијание на Сонцето и соседните планети.
Откривањето на овој објект не било лесно. Тим од Универзитетот на Хаваи првпат го забележал претходно оваа година за време на рутинско набљудување со телескоп. Она што првично изгледало како слаба точка што се движи меѓу ѕвездите се покажало како објект што се движи точно по патеката на Земјата околу Сонцето. По неколку недели следење, НАСА потврди дека нашата планета добила привремен вселенски придружник.
Досега се познати само осум квази-месечини, што ја прави секоја од нив вредна за науката – тие ни помагаат да го разбереме движењето на астероидите и како гравитацијата на Земјата го обликува просторот околу нас.
За научниците овие тела се повеќе од само куриозитет: тие ни помагаат попрецизно да ги одредиме орбитите, да ги предвидиме движењата на астероидите близу Земјата и еден ден би можеле да послужат како идеални места за тестирање за вселенски мисии, бидејќи се доволно блиску, доволно стабилни и лесно достапни.
Дидека 2025 PN7 никогаш нема да ја затемни вистинската Месечина,, таа е тивок придружник што кружи покрај нас со децении, орбита по орбита, додека Земјата го продолжува своето бесконечно патување околу Сонцето.
(Bizlife)