Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ги мобилизира своите ресурси, знаење и партнерства за претстојниот хакатон што ќе се одржи на 25, 26 и 27 ноември оваа година, во хибриден формат. Настанот е замислен како простор на здружување иновации, младешка енергија и мултидисциплинарен пристап во третирање реални општествени и еколошки предизвици.
Хакатонот, кој ќе се одвива во Колаборативниот простор на УКЛО и на повеќе локации низ Битола, како и онлајн, претставува дел од пошироката рамка на иницијативите на Алијансата КОЛОРС. Во фокусот се теми од зелена и дигитална транзиција, социо-економска правда, храна и земјоделие – сите гледани низ призмата на интердисциплинарност и соработка.
Според информациите, целта на хакатонот не е само натпреварувачка, туку и исклучително едукативна и акциска – платформа преку која студентите, наставниот кадар и експертите од различни области имаат можност да развиваат идеи со потенцијал за реална примена.
Академското раководство на УКЛО КОЛОРС посочува дека хакатонот е важен чекор кон конкретизирање на долгогодишните заложби за отвореност, применливо знаење и општествена одговорност во високото образование.
Со оглед на зголемениот интерес, особено меѓу студентите на УКЛО, но и пошироко низ мрежата на КОЛОРС, се очекува настанот да прерасне во иновативен хаб за младинско учество и трансфер на знаење – токму во духот на модерниот, ангажиран универзитет. Хакатонот е отворен за сите што веруваат дека решенијата за утре се создаваат денес.
Заинтересираните се повикуваат да се пријават преку е-пошта на: info.colours@uklo.edu.mk.



