Одржувањето на острината на мозокот наскоро може да бара повеќе од само крстозборки или читање. Невронаучници од Универзитетот Мекгил во Канада откриле дека дигитална програма за тренинг на мозокот може да ги подмлади клучните мозочни функции кај постарите возрасни лица.
Во контролирана студија, објавена во списанието JMIR Serious Games, 82 здрави учесници над 65 години биле случајно доделени да ја играат апликацијата BrainHQ од Posit Science Corporation или рекреативна компјутерска игра 30 минути секој ден во текот на 10 недели. Скенирањето на мозокот по студијата покажало значително зголемување на холинергичната активност во предниот цингуларен кортекс (ACC) кај оние кои ја користеле апликацијата BrainHQ. Ова е регион од мозокот поврзан со внимание, инхибиција и меморија.
“Тренингот го врати холинергичкото здравје на нивоа што обично се гледаат кај некој 10 години помлад. Ова е прв пат каква било интервенција, со лекови или не, да се покаже дека го прави ова кај луѓето“, изјави неврологот Етјен де Вилерс-Сидани од Универзитетот Мекгил во статија објавена на веб-страницата на универзитетот.
Авторите на студијата забележаа дека постигнатите ефекти се споредливи со враќањето на деценискиот природен пад на ACC.
“Користевме ретка технологија. Невролошкиот институт во Монтреал е еден од ретките центри во светот што може да произведе специфичен маркер и да ги изврши скенирањата“, истакна Вилерс-Сидани.
Креаторот на апликацијата, Posit Science, кој го нуди BrainHQ комерцијално преку претплата, тврди дека неговиот систем е поддржан од стотици рецензирани студии.
Авторите на студијата предупредуваат дека се потребни понатамошни истражувања, со поголеми и поразновидни примероци на учесници.
Но, во секој случај, идентификувањето и спроведувањето на ефикасни стратегии за зачувување на здравјето на мозокот би можело да ги намали трошоците за здравствена заштита, да го зголеми учеството на работната сила и заедницата и да го подобри квалитетот на животот, заклучија тие.
(Zimo)
(фото: Brain HQ)

