Во рамки на кампањата „Денови за донирање“, на 4 ноември во Скопје се одржа добротворна модна аукција. 23 модни дизајнерки и дизајнери, уметници и занаетчии донираа уникатни креации кои беа ставени на добротворна аукција од кои се собраа донации во износ од над 200.500 денари за донаторскиот фонд на Конект од каде со грантови ќе се поддржат програми на граѓански организации. И годинава фондот продолжи да поддржува активности за заштитата на нашите шуми од пожари, едукацијата на младите, развојот на децата со попреченост со помош на технологија и првата„изнајмувачница“ на помагала за сограѓаните кои се борат со ракот.
Третото издание на добротворната модна аукција „Fashion with a Cause“ беше посветено на славење на креативноста и солидарноста. На специјалното шоу водено од гласноговорникот на кампањата „Денови за донирање“, Огнен Јанески и Ана Зафирова, над 150 присутни, вљубеници во модата и филантропијата се наддаваа донирајќи за мало богатство на дизајни на дизајнерите: Никола Булески, Никола Ефтимов, Лидија Георгиева, Изет Цури, Силвија Михајловска (Алшар), Ирина Тошева, Олгица Ѓоргиева, Катерина Тошева, „MilkDesign”(Антонија Гугинска Јорданоска), Терзија (Наталија Терзијоска),“Be.”
Присутни беа и нови модни имиња како Радмила Давидовиќ Настев, Снежана Ефкоска и Ивана Груевска. Со своја донација се придружија и занаетчии и уметници: Марта Поп Антоска („M Art Gallery”), Александра Ристовска („MORPHO”), Марија Таировска („Marcy’s Handmade”), Александар Стојанов-Зорин, ESNAF, „Народни носии” , Љубица Солак, Мирјана Јосифоска и Петар Кајевски.
„Делата претставени овде се повеќе од модни предмети – тие се парчиња македонска модна историја и културен идентитет, кои не само што гордо ги носиме, туку и ги чуваме за да ги подариме на идните генерации. Со донациите тие добиваат двојна вредност“ – истакна Никица Кусиникова, извршна директорка на Конект.

„Ова не е само моден настан — туку повик за добри дела. Во креирањето на каталогот и настанот волонтерски се вклучи цела заедница на креативци што ја воспитува вредноста на филантропска мода.“ – се надоврза Виктор Мирчевски, програмски директор на Конект и дел од креативниот тим што волонтерски работеше на каталогот за аукцијата во чија продукција беа вклучени „Скала“, Студио 1 и Македонската модна асоцијација.
„Денови за донирање“ е национална кампања на Конект што ги инспирира поединците, семејствата, бизнисите и заедниците да се здружат и заедно да донираат на низа начини и настани, како и на www.opop.mk и телефонската линија 143 333 за споменатите иницијативи.
Настанот го организира Здружението Конект од Скопје во соработка со Моден Викенд Скопје и со поддршка од Амбасадата на Франција во Скопје.



