Мирис на село во рацете на децата: Роза Трајковиќ и нејзините играчки од сено и билки!

- Advertisement -

Роза Трајковиќ е дел од здружението „Ума Сто“, формирано пред три години, кое работи на рурален развој и селски туризам во две кумановски села – Умин Дол и Ново Село, но и пошироко во Општина Куманово. Таа е и креатор на детски играчки полнети со сено и ароматични растенија, инспирирани од селото, традициите, производите и мирисите кои сака да ги доближи до децата што денес растат опкружени со евтини пластични играчки.

Идејата на Роза е да создава играчки од отпаден текстил, полнети со слама, кои лесно се одржуваат, не го загрозуваат здравјето на децата и не ја загадуваат животната средина. Истовремено, производството на овие играчки создава можност за заработка на рурални жени и поттикнува локална економија.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Роза, објаснете ни ја идејата за изработка на играчки од слама и ароматични растенија.

- Advertisement -

Идејата е да изработуваме меки играчки за деца во форма на гуска, прасе или други мотиви од селото, полнети со сено и ароматични билки. Сеното е природен биоразградлив материјал, испушта пријатна миризба и делува ароматерапевтски врз децата.

Прасето јасно асоцира на село, а гуската, иако денес не е толку присутна, е дел од традицијата на Умин Дол и Ново Село, каде до пред неколку децении масовно се чувале гуски. Ние се обидуваме да ја вратиме оваа традиција, како со јата живи гуски, така и преку играчката–сувенир.

- Advertisement -

Играчките ќе се изработуваат со патент за полнењето да може да се извади, платното да се испере, а потоа пак да се наполни со сено. Така, кога ќе исчезне природната миризба, играчката ќе може повторно да се освежи. За изработката би се ангажирале жени од Умин Дол и Ново Село, што ќе им овозможи домашна заработка. Целта е да создадеме мал локален еко-бизнис кој ќе функционира како мало социјално претпријатие.

Како дојдовте до оваа навистина креативна идеја?

Идејата се роди кога еден ден се најдов на ливада каде се косеше сено. Мирисот на тревата ме врати во детството и ме натера да помислам колку би било убаво да ја внесеме таа природна миризба во домовите. Сакав и други деца да растат со тој мирис.

Воедно, во Умин Дол и Ново Село – села кои се развиваат како дестинации за селски туризам – недостасува сувенир поврзан со традицијата. Така, прасето и гуската полнети со сено спонтано се вклопија како комбинација на природа, традиција и потреба.

Како текстилен материјал ќе користиме остатоци од текстилната индустрија, со што ќе го намалиме отпадот и ќе ги намалиме трошоците. Играчките ќе се продаваат на настаните што ги организираме во двете села, во етно музејот во Умин Дол, на организирани посети од училишта, како и преку фирми кои би ги вклучиле во новогодишни пакетчиња или корпоративни подароци. Планираме соработка и со концепт продавници во Скопје.

Може ли ваков еколошки концепт да го намали присуството на пластика?

Покрај желбата децата да го почувствуваат мирисот на природата, важна цел ни е да им покажеме на родителите дека играчката може да биде поинаква од пластичната. Дрвените играчки се алтернатива, но се скапи за македонскиот стандард. Нашите играчки се еколошки, поевтини и полнети со обновлив ресурс – сено кое расте повторно по секој дожд. Кога играчката ќе ја заврши својата употреба, сеното е компостибилно и може да се разградии дома, дури и во саксија.

Како ќе ја испратите пораката до децата и родителите? Како ќе допрете до потрошувачите кои се бобардирани секојдневно со комерцијални понуди?

Со купување на нашите играчки, децата и родителите остваруваат поблизок контакт со природата и ја поддржуваат локалната економија. Тоа значи дека вашата набавка ѝ овозможува заработка на жена од моето село. А родителите би требало да размислуваат и што се случува со пластичните играчки по нивната употреба, бидејќи кај нас речиси нема пунктови за собирање и рециклажа.

Вашето решение беше препознаено и како победничко во „Зелени идеи 2025“. Какво беше ова искуство?

Нашата идеја беше една од трите победнички во Македонија и ја претставувавме земјата на балкански натпревар со конкуренција од шест држави. Иако не освоивме награда на регионалниот натпревар, искуството беше вредно – учевме, добивме нови идеи, слушнавме фидбек и размислувавме претприемачки. Во Охрид се запознавме со други иноватори и добивме позитивни реакции за нашата идеја. Благодарни сме на тимот на АРНО за поддршката.

Какви ви се плановите за во иднина?

Планираме поинтензивна промоција на социјалните мрежи, особено поради големиот настан „Есенско пазарче“ во Ново Село на крајот на октомври, каде што ќе ги понудиме играчките за првпат. Со оглед на новогодишните празници, ќе се обидеме да стапиме во контакт со фирми кои можат да ги користат како корпоративен подарок.

Планираме сеното, покрај за играчки, да го користиме и за други практични домашни намени – како што се користело во минатото.

Сподели!
- Advertisement -