Вечерва на Телма ќе започне да се емитува првото балканско реално шоу посветено на претприемачи и стартапи, The Founder Games.
The Founder Games ги следи основачите на 40 стартапи од 13 земји. Снимањето траеше пет месеци. Камерите беа вклучени во моменти кои обично остануваат затворени за јавноста, ги регистрираа непријатните разговори со инвеститорите, планирањето на буџети, несогласувањата меѓу ко-основачите, обидите за спас на производот и останување во натпреварот.
Фокусот на шоуто не се инвеститорите, туку луѓето кои се обидуваат од бизнис идеја да изградат одржлива компанија. Најдобрите тимови добиваат можност за пристап до инвестициски тек од 2 милиони евра. Победничкиот тим добива и патување во Силиконската Долина за директни деловни контакти и отворање потенцијал за влез на глобален пазар.
Создавач и извршен продуцент на The Founder Games е Сања Митровска, основач на стартапот Networker од Скопје.
„Преку ова шоу, целта ни е да ги инспирираме претприемачите да размислуваат глобално од самиот почеток и да веруваат во својот потенцијал. Споделувајќи го секој чекор од нивното патување, успесите, падовите, и истрајноста што ја бара успехот, сакаме да ја испратиме пораката: и вие можете!“, вели Митровска.
Публиката уште по првата епизода ќе има свои фаворити меѓу основачите и со секоја следна епизода напнатоста ќе расте околу тоа кој ќе испадне, а кој ќе продолжи кон целта и ќе освои почетна инвестиција.
Шоуто предизвика огромен интерес на фестивалот MIPCОМ во Кан и веќе се заинтересирани неколку дистрибутивни куќи меѓу кои и Sony. The Founder Games ќе се емитува и на хрватската телевизија РТЛ и на стриминг платформите VOYO и Gley.



