По три месеци интензивна работа, практични вежби и учење преку реални примери успешно заврши првото издание на Академијата за финансиско и административно управување кај граѓанските организации – акредитирана програма која постави нови стандарди за финансиска едукација на граѓанскиот сектор во Македонија.
Програмата интензивно се реализираше од септември до ноември 2025 година во рамки на регионалниот проект СМАРТ БАЛКАН – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан, имплементиран од Centar za promociju civilnog drustva (CPCD), во соработка со партнерските организации Центар за истражување и креирање политики (ЦИКП) од Македонија и Институт за демократија и медијација (ИДМ) од Албанија, со финансиска поддршка од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.
Учесниците, претставници од 16 граѓански организации од целата земја ги поминаа сите модули – од буџетирање и финансиско планирање, до даноци, ревизија, законска регулатива, проектен менаџмент, известување и внатрешни контроли. Она што ја издвојува оваа Академија е практичниот пристап, деталната подготовка и квалитетот на обучувачите со долгогодишно практично искуство.

Организаторите велат дека интересот, резултатите и позитивниот feedback од учесниците ги надминале дури и нивните очекувања.
Марија Ристеска, извршна директорка на Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) потенцира дека програмата има за цел да изгради капацитет и да го поврзе граѓанското општество од Западен Балкан. Наменета е главно за мали и средни граѓански организации со цел да го зголеми нивниот капацитет да аплицираат и апсорбираат финансии од повеќе донатори.

“Голем дел од програмата се однесуваше и на менторска поддршка за организициите не само со цел да обезбедат повеќе фондови, туку и квалитетно да известуваат што е еден од главните елементи за привлекување на финансии. Нашиот центар го спроведуваше проектот во Македонија и во Србија и имавме 86 корисници на програмата во двете земји. Во работата со нив забележавме дека нивната најслаба карика е управувањето со финансиите, поконкретно известување кон специфичните потреби на донаторите посебно кон европските за кои претпоставуваме дека ќе бидат доминантни во иднина. Забележавме дека постои неповрзаност меѓу проектното планирање, финансиското спроведување на проектите, известувањето и севкупното административно работење во организациите. Така дојдовме до идеја да формираме Академија за финансиско управување во невладиниот сектор и истата да ја акредитираме. Ова беше предизвик и за нашата организација затоа што во Србија ниту еден ентитет немаше акредитирано програма за едукација на возрасни, што го сметаме за наш исклучителен успех. Во Македонија пак ова е прва акредитирана програма за возрасни од страна на невладина организација“, објаснува Ристеска.
Најважно, вели таа, е што учесниците на Академијата имаат практични знаења и вештини но никогаш немале можност да ги поврзат административното работење, проектното управување и финансиското управување во една целина и да добијат сертификат за вештините кои со години ги спроведуваат. Ова е дополнителна валидација на нивните знаења што ги прави и поконкурентни на пазарот.
“Мислам дека иницијативата е многу навремена и многу потребна со оглед на актуелните случувања со развојната помош по укинувањето на УСАИД и пренасочување на финансирањето од развој кон безбедност. Сега конкуренцијата пред донаторите е поголема, но тие што имаат ваков сертификат може да бидат поконкурентни. Од друга страна донаторите добиваат потврден партнер со процедури, знаење и вештини одговорно да управуваат со нивните финансии. Државата пак добива граѓански сектор кој е подготвен да апсорбира фондови и делува како партнер во евро-атлантската интеграција на земјата. Следната генерација од оваа Академија во 2026 година ќе ја отвориме да биде достапна за сите невладини организации, не само за корисниците на СМАРТ Балканс програмата, и истата ќе биде со определена цена прилагодена на пазарот и можностите на невладиниоит сектор“, најавува Ристеска.
Академијата продолжува – Нашата цел е да создадеме долгорочен ресурс кој ќе го професионализира невладиниот сектор
Со оваа најава, Академијата не останува еднократен проект, туку станува постојана услуга на пазарот, отворена за институции, мали и големи граѓански организации, неформални групи и новоформирани здруженија.
Учесниците велат дека Академијата им донела решенија за проблеми со кои со години се борат – административни грешки, несигурност при планирање на буџети, недоволно познавање на регулатива или страв од ревизија.

Марија Сунчевска од Transparency International – Macedonia вели:
„Ова е прва сертифицирана школа за невладини организации во земјава и добредојдена за зајакнување, продлабочување и унапредување на нашите знаењa и вештини. Убаво е што бевме група од различни организации со различни искуства и донатори што ни даде шанса да се вмрежиме и во иднина да настапуваме пред донатори со заеднички проекти. Одговорноста и доверливоста пред донаторите од кои ги добиваме финансиите е од исклучителна важност и со оваа едукација сметам дека истите ќе ги зајакнеме.“
Таа вели дека финансиските аспекти од водењето проекти за неа било од најголемо значење во рамки на Акадамијата. “Мислам дека ваков тип на обуки се добра основа за да се развие структуриран пристап по кој работат граѓанските организации што на крај на ден ќе ја зголеми довербата во нив во пошироката јавност, не само пред донаторите“.
Невладиниот сектор, велат учесниците, одамна има потреба од ваков тип на практична, структурирана и професионална програма.

Наташа Илиевска од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје е недвосмислена во ставот дека Академијата беше одлична можност за надградба на знаењето не само во делот на финансии туку и во сегментот на проектен менаџмент со што според неа се добива една целина.
“Би сакала да истакнам дека трите внимателно структурирани модули: административно и канцелариско работење, финансиско работење и проектен менаџмент ми овозможија да ги надградам знаењата кои веќе ги применувам во секојдневното работење. Професионалното менторство беше на многу високо ниво со голема поддршка во текот на учењето. Сакам да потецирам дека оваа Академија поттикна доста здрави и конструктивни дискусии меѓу учесниците што исто така е многу важно за нас и затоа со големо задоволство ја препорачувам Академијата на сите кои сакаат да ги зајакнат своите компетенции во целокупниот проектен менаџмент“.
Експертите зад успехот: „Ова беше вистинско партнерство со учесниците“
Академијата беше водена од три искусни обучувачки – Благородна Ампова (Административно управување кај граѓански сектор ), Емилија Бумбароска (Финансиско управување кај граѓански сектор ) и Лилјана Таневска Арсова (Управување со проекти – финансиско управување на проект ). Нивната улога беше клучна за практично јакнење на вештините и знаењата на учесниците, што впрочем го потврдуваат и изјавите на задоволните учесници во оваа Академија.
„Учесниците иако имаа познавања од темата раководење со проектен циклус, се здобија со дополнителни знаења од специфични теми. Оваа Академија само ја потврди претпоставката дека ваквата едукација е многу потребна на граѓанскиот сектор, особено оние кои го работат финансискиот аспект на проектите, да го усовршат своето знаење„, вели Лилјана Таневска Арсова, една од обучувачките на Академијата.
Самиот пристап до финансии во невладиниот сектор зависи во голема мерка и од капацитетот на финасискиот кадар: да учествуваат во формирањето на буџетите, да го следат текот на проектите и правилно да известуваат прилагодувајќи се кон различните барања на донаторите. Со оваа Академија, дополнува Таневска Арсова, се надополнуваат знаењата кај финансиските работници и им се овозможува поинтегриран пристап на работа.

Академијата продолжува!
Во време кога донаторската заедница во Македонија се соочува со бројни предизвици, а организациите работат во сè покомплексни финансиски и регулаторни услови, ваквите програми се клучни за нивниот опстанок и развој.
Првото издание ја потврди потребата – граѓанските организации бараат, очекуваат и вреднуваат квалитетна финансиска едукација. Со одлични резултати, мотивирани учесници и високо ниво на професионализам, Академијата за финансиски менаџмент се етаблира како нова платформа за долгорочна поддршка и развој на организациите во земјава.
Оптимистичката најава од Центарот за истражување и креирање политики за продолжување на Академијата за финансиско и административно управување кај граѓанските организации само го засилуваат фактот дека оваа програма ќе остане трајна и достапна финансиска алатка за целиот сектор и го јакнат потребниот оптимизам во цивилниот сектор дека имаат поддршка во напорите земјава да стане подобро место за живот и работа.







