Со донација на нова компјутерска опрема за учениците од ДУЦОР „Партенија Зографски“ во Скопје, Халкбанк АД Скопје реализираше активност насочена кон унапредување на наставата и поддршка на децата со посебни образовни потреби. Опремата е наменета за полесен пристап до дигитални едукативни содржини, интерактивни програми и современи алатки што го поттикнуваат индивидуалниот развој.
Донацијата беше предадена во просториите на училиштето, во присуство на претставници на Халкбанк и претседателот на СОНК, што дополнително ја нагласи важноста на заедничката поддршка за унапредување на образовниот процес. Присутните имаа можност да се запознаат со секојдневните предизвици и потреби на учениците и наставниците, како и со значењето што новата опрема ќе го има во создавањето пофункционална и поинклузивна наставна средина.

„Во Халкбанк веруваме дека секое дете заслужува еднаква можност да учи и да расте, а технологијата може да биде клучниот елемент што ги отвора тие можности. Со оваа донација сакаме да придонесеме кон поинклузивно училишно опкружување и да им дадеме поддршка на наставниците кои секојдневно работат со исклучителна посветеност. Нашата соработка ќе продолжи и во 2026 година, затоа што вложувањето во развојот на младите е вложување во заедничката иднина“ – истакнуваат од Банката.
Халкбанк останува посветена на иницијативи што создаваат долгорочна општествена вредност и реално ја унапредуваат заедницата. Преку ваквите проекти, Банката продолжува да гради средина во која секое дете ќе има услови да напредува, да добие поддршка и да ја почувствува важноста на својот потенцијал.


