Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, информира дека делот што РКЕ го регулира во крајната цена има влијание од околу 36 отсто
Од 1 јануари идната година ќе се намали надоместокот за дистрибуција на електрична енергија, надоместокот за пренос на електрична енергија и цената на еден оператор на пазарот на електрична енергија.
Како што информираше Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), донесена е одлука надоместокот за користење на електродистрибутивниот систем Електродистрибуција да се намали за 3,64 отсто , надоместокот за користење на преносниот систем на МЕПСО за 2,67 отсто, а цената на операторот МЕМО за 3,40 отсто.
„Со денешната одлука, сите елементи кои ја сочинуваат крајната цена се познати: цена и количина по која е набавена електричната енергија, услугите на мрежните оператори, затворени се и набавките за загуби. Сега останува универзалниот снабдувач – ЕВН ХОМЕ, под наш надзор да направи пресметка и да се објават финалните цени по блокови“, посочија од РКЕ.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, информира дека делот што РКЕ го регулира во крајната цена има влијание од околу 36 отсто. Надоместокот за користење на електродистрибутивниот систем во крајната цена учествува со околу 33 отсто, додека надоместокот за користење за преносниот систем учествува со околу 4 отсто во крајна цена и цената на МЕМО е со незначително учество од околу 0,19 % во крајната цена.



