Во следните две години Македонија ќе добие нов погон за автоматско селектирање на отпадот од пакувања, кој ќе има доволно голем капацитет за да го процесира отпадот од пакување од Скопје и блиските околни градови, најавува Пакомак. Погонот, односно фабриката за селектирање отпад, ќе има можност да ги доселектира (секундарно селектира) веќе примарно селектираната пластика и лименки од ПВМ и жолтите контејнери на Пакомак во кои што се собира секаков вид на пластика и метал како отпад од пакување. Ова ќе биде прв погон од овој тип и оваа големина на Балканот, а ќе биде направен по примерот на западноевропските земји.
Целосно нов погон за селектирање на отпад од пакаување, направен според највисоките стандарди и опремен со најсовремена технологија, наскоро ќе биде отворен во Скопје со цел да се адресира постоечкото прашање за амбалажниот отпад. Од Пакомак најавија дека погонот официјално ќе биде ставен во употреба во текот на следните две години и ќе овозможи брзо и ефикасно спроведување на амбалажниот отпад кој наместо на депонија, на овој начин ќе заврши на рециклирање. Отпадот од пакување не е значајна фракција во тежината на комуналниот отпад (цц. 20-25%), но зафаќа и до 60% од волуменот на контејнерите. На пример, едно пластично шише со волумен од 1,5 лит. просечно тежи 30 гр., а еден контејнер од 1м3 може да собере 500 вакви шишиња или само 15 кг. отпад!

Се работи за голема инвестиција од над милион евра, која ќе овозможи отпадот масовно да се селектира на еколошки начин, без да се оштетуваат природните ресурси и без емисија на штетни издувни гасови. Фабриката за селектирање ќе биде лоцирана во околината на Скопје, а во неа ќе се собира и процесира отпад од пакување пред се од Скопје, како и од околните соседни градови. Инвестицијата е поддржана и со значителни средства од Швајцарската Амбасада, како втора фаза од проектот за Паметно управување со отпадот во земјава.
„Во работењето на погонот нема да бидат вклучени многу луѓе, а истиот ќе има доволен капацитет за селекција и ќе може да процесира големи количини на примарно селектиран отпад од пакување. Погонот ќе биде опремен и со најсовремени технолошки и дигитални решенија, како на пример системи управувани од вештачка интелигенција и self learning, кои ќе ни дадат можност во реално време да знаеме каков отпад влегува и се процесира во погонот“, изјави Ико Брдароски, менаџер за развој на бизнис и комуникации во Пакомак.
Со оваа инвестиција Скопје, но и целата земја, влегува во една нова ера на управување со отпадот. На краток рок таа ќе ги задоволи барањата на целата земја, која во моментов генерира околу 100 килограми амбалажен отпад по жител годишно. А на долг рок, таа ќе претставува клучна алка во системот за правилно управување и рециклирање на отпадот. Накратко, со оваа инвестиција и отворањето на овој погон, ќе се реши горечкиот проблем кој со години е приоритет не само на Пакомак, туку и на Владата и на комуналните претпријатија од земјава.



