Македонија заостанува во дигитализацијата – и во јавниот сектор, и кај компаниите, и кај граѓаните. Но можностите за напредок се огромни. Никица Мојсовска Блажевска, извршна директорка на „Македонија 2025“ објаснува зошто дигиталните вештини се критично важни за раст и развој, што можеме да научиме од најнапредните дигитални општества како што е Кина, и како иницијативата GoDigital го трансформира корпоративниот сектор.
Новинар – Верица Јорданова
Во денешно време веќе не е прашање дигитализација- да или не туку колку брзо и ефикасно се имплементира истата? Како стои Македонија на ова поле?
Степенот на дигитализација на едно општество зависи од тоа колку се дигитализирани сите сегменти, односно колку е дигитална државата (владата), компаниите, и дали граѓаните поседуваат дигитални вештини. Владата има двојна улога, прво во смисла на создавање на услови за дигитализација што вклучува и законска рамка (на пример, за сајбер безбедност) и, второ, преку обезбедување на дигитални услуги за граѓаните и бизнисите. Некои влади се насочени кон иднината, ја препознаваат важноста на дигитализацијата како „средство” за развој, за поголема ефикасност, конкурентност, ниска корупција и тн. и затоа го предводат процесот на дигитализација во општеството и економијата. Но, во некои земји, бизнисите и/или граѓаните се оние кои ги притискаат владите да создадат услови за дигитализација.
Согласно достапните податоци, во сите три сектори, влада, компании, граѓани нивото на дигитализација е доста ограничено, и покрај напредокот иминатиот период. Во однос на степенот на дигитализација на владата, Извештајот за е-Владеење 2024 (eGovernment Benchmark) на Европската Комисија дава важна рамка за оценка: вкупната оцена за е-владеење на Македонија изнесува 36, далеку под просекот на ЕУ-27 кој изнесува 76. Во однос на бизнисите, податоците од Државниот завод за статистика за 2025 година покажуваат дека компаниите имаат развиено основната дигитална инфраструктура, но напредната дигитализација или она што се нарекува дигитална зрелост е многу ограничена и главно присутна кај големите компании. Слично и кај граѓаните, нивото на дигитална писменост е значително под просекот на ЕУ (подолу се наведени овие податоци).
За мене дигитализацијата носи придобивки за сите: бизнисите ги прави попродуктивни и конкурентни; на граѓаните им го олеснува делувањето и подобрува квалитетот на живот; на владата и овозможува поголема ефикасност и заштеди; и, на ниво на општеството, верувам дека е најдобар начин за намалување на корупцијата.
Ако треба да дадам оценка за Македонија, до каде сме со дигитализацијата би рекла дека сме сеуште во почетна фаза, сеуште мора многу да работиме на свесноста за користите од дигитализацијата, и кај компаниите и кај граѓаните. За жал, нема развиен еко-систем во кој дигитализацијата би се одвивала во некои зададени рамки, секој кој сака да развие дигитални вештини или компанија која сака да се дигитализира ќе знае каде да се упати, какви услуги или поддршка да користи и тн.

Неодамна ја посетивте Кина која ја опишувате како земја каде „животот тече преку апликации“. Раскажете ни за дигиталниот живот во Кина? Што од тоа може да се пренесе во македонски контекст и какви ефекти би имало тоа?
Би рекла дека посета на Кина е како да имате привилегија да ѕирнете во иднината. Тоа е посебно искуство, пример за земја каде дигитализацијата (и користење на ВИ) е силно испреплетено во комплетното живеење и работа, во сите сегменти на општеството. Потребен ви е краток период да се адаптирате на тоа (4-5 денови) и потоа се воодушевувате на тоа како се функционира беспрекорно заради широко-распространетата дигитализација. И навистина, животот се одвива преку апликации. Но, уште поважно, апликациите се интегрирани преку платформи, со една апликација како Alipay вие плаќате, нарачувате такси, купувате намирници од продавници, преведувате, закажувате лекар и многу други работи. Кога зборуваме за Кина и за овој степен на дигитализација, секако дека се отвара дилемата за „контрола„ од страна на власта или прашањето на права на граѓаните. Јас не би сакала да говорам за тоа, единствено што би рекла е дека во Кина се чуствувате безбедно, се можете да завршите без чекање во редови, без посета на институции, банки и тн. И во многу други општества (на западот и истокот) владите собираат значајни податоци за граѓаните и бизнисите, но прашањето е за што се користат тие податоци, за контрола, за монетизирање (заработка), за безбедност и намалување на криминал, за олеснување на живото на граѓаните, за намалување на сивата економија, за опортунизам …



Како ја гледате сегашната состојба на дигиталната писменост во Северна Македонија – колку граѓаните, компаниите и јавните институции навистина се подготвени за дигитална трансформација? Неодамна на една конференција споделивте дека дигиталната писменост ни кај помладата популација во земјава не е на завидно ниво?
За жал, дигиталната писменост е на ниско ниво. Нека не не залажува тоа што сите сме на мобилни телефони, „кликаме“ по линкови и апликации и тн. Дигиталната писменост е нешто сосема друго, многу покомплексно. Класичната дефиниција е оваа (се извинувам на читателите ако изгледа комплексно): Дигиталната писменост претставува способност да се пронајде, оцени, создаде и комуницира информација со користење на дигитални технологии, комбинирајќи технички вештини со критичко размислување за безбедно и ефективно користење на онлајн платформите за работа, учење и секојдневен живот. Зборуваме за многу елементи, од безбедност, да се чувствувате комотно кога ќе кликнете на некој линк или кога ќе направите плаќање (да не мислите дека интернет плаќањата се измама), да најдете кредибилна информација, и многу други елементи. Користејќи ја оваа дефиниција, само *% од жителите на Македонија имаат над основно ниво на дигитални вештини во споредба со 26% во ЕУ. Она што многу не изненадува е дека и младите од Македонија значително заостануваат зад младите од ЕУ, само 14% од македонците на возраст 19-26 години посетуваат над основно ниво на дигитални вештини наспроти 40% од младите во ЕУ. Ова се алармантни податоци кои ги ставаат нашите млади во неповолна ситуација. И, сосема е јасно дека кај нас се потребни уште многу напори, соработки и тн. за да се унапредат дигиталните вештини, за да сфатат граѓаните кои се предностите од дигитализацијата и за да ги користат генерално достапните дигитални алатки, вклучително и оние на владата (е-услуги).
Младите од Македонија значително заостануваат зад младите од ЕУ, само 14% од македонците на возраст 19-26 години посетуваат над основно ниво на дигитални вештини наспроти 40% од младите во ЕУ.
Или, на пример, употребата на Интернет од страна на граѓаните во Македонија е релативно голема, на ниво на ЕУ, но најчеста форма на користење на интернет е за комуникација (пораки и повици) и социјални медиуми, наместо за продуктивни цели како што е случајот со граѓаните на ЕУ (интернет банкарство, мејл, онлајн состаноци и тн.).
За сето ова, треба да ги имаме на ум причинско-последичните врски и поврзаноста. На пример, владата може да дигитализира 100% од услугите кои ги нуди, но ако граѓаните и бизнисите не се „дигитално писмени„ употребата ќе биде ниска, како и ефектите. Истовремено, важна е и информираноста за достапноста на услугите. На пример, во моментов работиме со Владата на дигитализација на услуги за дијаспората, за што навистина се радувам. Но, доколку не успееме да го промовираме тоа и да ги информираме иселениците и/или доколку тие немаат дигитални вештини или имаат голема недоверба кон македонските институции, ефектите ќе бидат ниски, барем на краток рок. Тука би навела податоци неодамна презентирани од Министерот за дигитална трансформација дека како се зголемил бројот на јавни услуги кои се дигитализацирани (достапни онлајн) од 80 на 300 (во период 2024-2025 година), бројот на месечни транскации на порталот за е-услуги е зголемен од 1.200 месечно (во просек во 2024 година) на 160.000 месечно во октомври 2025 година.

Можете ли накратко да ни ги објасните целите на иницијативата Go Digital и како таа се вклопува во корпоративната/социјалната мисија на Macedonia2025?
ГоДигитал е национална иницијатива создадена да им помогне на македонските компании да ја забрзаат својата дигитална трансформација и да ја зголемат својата конкурентност. При анализа на „пазарот за дигитализација„ сфативме дека не е доволна програма или финансиска поддршка за дигитализаицја на компаниите, туку дека е потребно да се развие цел еден еко-систем. Затоа основавме посебна организација која е не профитна. Нашите цели се следните:
– Прво, да развиеме дигитални консултанти (меѓународно сертифицирани) кои ќе им нудат знаење и експертиза на компаниите кои честопати не знаат што им треба или што се нуди на пазарот.
– Второ, да развиеме свесност кај компаниите за потребата за дигитализација, придобивките, односно дигитализацијата да ја сметаат за инвестиција а не како трошок.
– Трето, да го поддржиме и поттикнеме ИКТ секторот да создава дигитални решенија потребни за микро, мали и средни компании.
Со ГоДигитал, преку сертифицирани дигитални експерти, компаниите добиваат бесплатна проценка на дигиталната зрелост, подготовка на индивидуална стратегија за дигитализација и техничка и финансиска поддршка во имплементирањето на конкретни дигитални решенија. Дополнително, програмата овозможува рефундација на 50% од трошоците до 10.000 еур за одбраните дигитални алатки, што ја прави трансформацијата финансиски остварлива и исплатлива.
Процесот е едноставен: МСП се регистрираат, добиваат анализа, заедно со експерт креираат план и започнуваат со имплементација – од ERP и CRM системи, до е-трговија, автоматизација и дигитален маркетинг.
GoDigital го поврзува целиот екосистем – компаниите што имаат потреба од дигитализација и ИКТ секторот што ги нуди решенијата. Во партнерство со Macedonia2025, ИМЕ Програмата, VISA и KIBS, создадовме силна, одржлива платформа што го забрзува развојот на дигиталната економија и создава нови можности за раст. Оваа иницијатива целосно се вклопува во мисијата на Македонија2025 да гради модерна, иновативна и конкурентна економија.
Ги повикувам сите микро, мали и средни претпријатија да аплицираат, а ИКТ компаниите да се приклучат како партнери.
Линк за аплицирање на МСП компании за поддршка: Податоци за мали и средни претпријатија за почеток на програма ГоДигитал – Fill out form
Линк за аплицирање на ИКТ компании за да бидат дел од каталогот на дигитални решенија: https://digital-solutions-catalogue-go-digital.replit.app/

Кои се најзначајните ограничувачки фактори за подобрување на дигиталната писменост: образование/обука, финансии, менталитет, пристап до технологија?
Сето ова што го наведувате е предизвик или потенцијална бариера, но можат да се надминат доколку се воспостави системски пристап кон дигитализацијата. Би рекла дека најголем предизвик е поврзување на системите кои функционираат во силоси, односно заеднички напори кон една заедничка, висока цел. Улогата на поставување на целта треба да ја има владата, визионерски. И се радувам што се формираше Министерство за дигитална трансформација (МДТ) како институција со целосна надлежност во оваа сфера, и институција која во краток период направи голем исчекор. Но, дигитализацијата мора да се рашири и во другите сегменти, од носители на политики, до институции, организации и тн. Сметам дека е неопходна координација и насочување. На пример, и Министерството за образование и наука треба да одигра силна улога, прво преку унапредување на дигиталните вештини на наставниците (што би имало мултипликативен ефект), а потоа и на учениците. Понатаму, стопанските комори треба да имплементираат програми за зголемување на дигиталната зрелост на компаниите. Донаторската помош јас исто така би ја насочила кон дигитализација. Кога зборувам за дигитализација, тука ја вклучувам и ВИ бидејќи без употреба на ВИ нема брз напредок и пораст на продуктивноста, ефикасноста, конкурентноста.
Како земја со кандидатски статус за влез во ЕУ треба да ги следиме и целите и програмите на ЕУ во оваа насока, и да учиме од искуствата. Македонија има пристап и до одредени фондови на ЕУ насочени кон дигитализација како на пример основањето на Европски Дигитални иновациски хабови. Но, ќе си дозволам да кажам дека и ЕУ заостанува значително во оваа област, ја спомнав Кина, но видете ги примерите и од Обединетите Арапски Емирати, кои се гладни за брз напредок и ги користат сите можности што ги нуди ВИ и дигитализацијата. На пример, Абу Даби си постави цел да стане првата „AI-native“ влада во светот до 2027 година, користејќи вештачка интелигенција за автоматизација на процеси, обезбедување проактивни услуги и носење одлуки засновани на податоци. Целта е 100% автоматизација и интуитивно, предвидливо искуство за граѓаните, преку значајни инвестиции и партнерства со компании како Microsoft и G42. Еден од нивните цели е до 2027 година 95% од вработените во јавната администрација да бидат обучени за користење на вештачка интелигенција. Доколку зборуваме за вакво ниво на дигитална трансформација, тогаш се потребни и големи финансиски ресурси, кои ќе речеме дека кај нас се ограничени заради ограничен фискален простор. Но, и ова е инвестиција во иднината, како секоја капитална инвестиција. Имено, дигитализација на услуги не значи само промена на начин на комуницирање со клиентите (електронско аплицирање и добивање на документ/излез во дигитална форма). Вистинската дигитализација ги подобрува сите процеси на работа, ја зголемува оперативната ефикасност, создава заштеди, го подобрува квалитетот на услуги и ја зголемува предвидливоста. Ефикасни влади привлекуваат многу повеќе инвестиции, од домашни и странски извори. Ова е еден значаен и длабок циклус, не се случува преку ноќ, но видете ја трансформацијата на ОАЕ.

Што е најголемата пречка компаниите да се трансформираат дигитално: финансии, лидерство, промена на организациони процеси, технологија, регулатива?
Кога зборуваме за дигитална трансформација на компаниите, сите овие фактори – финансии, лидерство, процеси, технологија и регулатива – играат своја улога. Но според нашето искуство во ГоДигитал, најголемата пречка не е технологијата, туку луѓето.
Како што покажува и теоријата и практиката или нашата теренска работа, дигиталната трансформација е пред сè човечка трансформација. Најчестите бариери се поврзани со отпорот кон промени: недоволна визија кај менаџментот, страв да се напушти комфорната зона, или недоволно разбирање кај вработените за тоа зошто е потребна трансформацијата и што таа носи со себе.
Промената на навиките, организациската култура и начините на работа е далеку потешка од воведувањето технологија. И, таа промена мора да почне од врвот (од менаџментот) и да биде многу јасно искомуницирана со сите нивоа на компанијата. Потребна е промена и на практиката и системот на менаџирање, организациски промени кои ќе овозможат инкорпорирање на дигитални алатки и ВИ во работењето и тн. Податоците покажуваат дека во македонските компании има зародиш на користење на ВИ, но тоа не е системско бидејќи доаѓа од „долу“ и нема успешност во премин од иницијална примена на индивидуално ниво кон интензивна употреба на компаниско ниво.
Нашата улога со ГоДигитал е да им помогнеме токму во тоа: да создадеме јасна визија, да ги водиме компаниите чекор по чекор, да ги намалиме стравовите и да ја направиме дигиталната трансформација управлива и остварлива за секоја компанија.
Кога луѓето ќе ја прифатат промената, технологијата станува само алатка и тогаш вистинската трансформација почнува да се случува. Ние веруваме преку ГоДигитал или со поддршка на компаниите за примена на една нова дигитална технологија, го менуваме менталитетот и пристапот кон дигитализацијата.
Од вашето искуство, кои се топ-3 ограничувачки фактори (барјери) за дигитализација/дигитална трансформација на компаниите во Македонија?
Она што го покажува нашето искуство е дека три главни бариери кои најмногу ја забавуваат дигиталната трансформација на компаниите во Македонија се:
1. Недоволно знаење и капацитети кај малите и средни претпријатија да препознаат што им е навистина потребно.
Многу компании сакаат да се дигитализираат, но не знаат од каде да почнат, кои алатки донесуваат најголема вредност и како да го измерaт ефектот. Токму затоа работиме со сертифицирани експерти кои преку детални анализи и стратегија за дигитална трансформација им помагаат да ги дефинираат целите и најсоодветните решенија.
2. Ограничена понуда на решенија прилагодени за потребите на МСП.
Иако ИКТ секторот е силен, многу решенија не се целосно адаптирани за микро и мали компании. Преку GoDigital активно го поврзуваме ИКТ секторот со МСП, ги стимулираме добавувачите да развиваат пофлексибилни решенија и создаваме платформа каде понудата и побарувачката се среќаваат на едно место.
3. Финансиски бариери и високи трошоци за имплементација.
За голем дел од компаниите, цената е пречка, дури и кога се свесни кои се бенефициите од дигитализацијата. Затоа со ГоДигитал обезбедуваме директна финансиска поддршка и рефундација на 50% од трошоците за дигиталните решенија, со што ја правиме трансформацијата остварлива и мерлива. Но нашата финансиска поддршка е ограничена и не треба да биде основна мотивација на компаниите да се вклучат во програмата.
Сите овие бариери се обидуваме да ги адресираме системски: со работа на терен преку сертифицирани експерти; со јасно дефинирани цели и мерливи резултати за компанијата преку стратегијата за дигитална трансформација; со финансиска поддршка за имплементација; како и со подигнување на свеста и едукација на целиот екосистем, вклучително и ИКТ секторот.
На крајот, нашата цел е едноставна: да создадеме услови во кои дигитализацијата станува достапна, разбирлива и одржлива за секоја македонска компанија. Тогаш кога ќе ја постигнеме оваа цел, ќе го напуштиме „пазарот“, бидејќи сметаме дека тогаш нема да бидеме потребни.
Притоа, сакам да го истакнам следното бидејќи не сакам компаниите да не перципираат како форма за пристап до пари. Ние на компаниите им подготвуваме дигитална стратегија во која има насоки за најмалку три сегменти од работењето кои може да ги дигитализираат и ги едуцираме дека со таа стратегија и анализа треба да пристапат и кон други извори на финансирање, од банкарски кредити до грантови и тн. Сметам дека е потреба едукација и на финансиските институции во смисла на оценка на бизнис планови кои вклучуваа дигитализација, како и субвенционирани кредитни линии за дигитализација. Секако, голема улога во оваа сфера очекуваме и од агенцијата ИНОВА.

Што треба да се промени: на ниво на политика, инфраструктура, образование, корпоративна култура, финансирање?
Се извинувам што ова ќе биде долг одговор односно долго сумирање на погоре кажаното. За да направиме вистински исчекор во дигиталната трансформација, потребен ни е системски, координиран и визионерски пристап, кој ќе ги поврзе политиките, институциите, бизнисите и граѓаните. Тоа подразбира неколку суштински промени:
1. Политики и институционална координација
Потребно е дигитализацијата да стане јасен, заеднички национален приоритет, а не изолирана активност на поединечни институции. Министерството за дигитална трансформација веќе го постави темелот, но дигитализацијата мора да се проткае низ сите ресори – образование, пазар на труд, здравство, економија, јавни услуги. Потребна е координација, поставување амбициозни цели, следење резултати и рамка која создава предвидливост и доверба. Без силна политика и лидерство, напредокот ќе биде бавен и фрагментиран.
2. Инфраструктура и модернизација на јавниот сектор
Дигиталните услуги не се само „онлајн формулар“. Тие подразбираат редизајн на процеси, автоматизација, употреба на податоци и ВИ, подобрена ефикасност и намалување на корупција. Треба да се инвестира во модерна дигитална инфраструктура, сајбер-безбедност и интероперабилност меѓу институциите.
3. Образование и дигитални вештини – кај наставници, ученици и возрасни
Нискиот степен на дигитална писменост е една од најсериозните пречки. Потребни се програми за масовна обука: прво кај наставниците (како мултипликатори), потоа кај учениците, и паралелно кај возрасната популација и бизнисите.
Дигитализацијата нема значење ако граѓаните не се чувствуваат сигурни да користат услуги, ако младите заостануваат зад врсниците во ЕУ, или ако работната сила нема вештини за економијата на иднината.
4. Корпоративна култура и лидерство
Кај компаниите, најголема пречка не е технологијата, туку луѓето, отпорот кон промени, недостиг на визија, страв да се излезе од комфорната зона. Дигиталната трансформација мора да започне од врвот, со јасна комуникација, нови начини на управување и подготвеност за организациски промени. Само така технологијата станува алатка, а не товар.
5. Финансирање и пазар на дигитални решенија
Компаниите, особено МСП, мора да имаат пристап до прилагодени, достапни и релевантни дигитални решенија. Финансиската поддршка е важна, но важна е и едукацијата на финансиските институции за вредноста на дигиталните инвестиции. Потребни се субвенционирани кредитни линии, грантови и инструменти кои го препознаваат дигиталниот развој како капитална инвестиција, а не трошок.



