Јован Талевски, Иван Секуловски и Марио Рабаџиевски се средношколци од Битола, кои јавноста неодамна ги запозна како дел од тимот Stay BE. Иако млади, тие веќе сериозно работат на иновативни решенија базирани на вештачка интелигенција, а со својата идеја „Систем 4“ неодамна ја освоија титулата „Средношколец Милионер“.
Нивното решение „Систем 4“ користи напредни алатки со вештачка интелигенција за автоматска анализа на проблеми во хотелско-угостителскиот сектор и понуда на три вида дигитални системи, AI чат-асистент за веб-страниците на рестораните и хотелите, AI телефонски агент за комуникација со клиенти и брза изработка или надградба на веб-страници со AI алатки.
Во интервју за Иновативност, Јован Талевски вели дека тројцата се посветени на развивање на нивните идеи, дека ја ценат работата, културата, позитивните односи, дисциплината, креативноста… Тој вели дека имаат голема желба нивниот успех да ги поттикне сите нивни врсници да веруваат во себе и никогаш да не се откажуваат, да работат, да бидат вредни, да бидат упорни и да бидат тие што носат добро во светот.
Новинар – Сања Наумовска
Јован, Иван, Марио објаснете ни што е „Систем 4“, иновативната идеја со која победивте на натпреварот „Средношколец Милионер“.?
„Систем 4“ е автоматизиран систем кои ги контактира сопствениците на бизнисите и јасно им го претставува проблемот со кој што нивниот бизнис се соочува, како и најсоодветното AI решение на три вида дигитални системи: AI чат-асистент за веб-страниците на рестораните и хотелите, AI телефонски агент за комуникација со клиенти и брза изработка или надградба на веб-страници со AI алатки.
Решението AI телефонски агент претставува агент кој може да зборува преку телефон со луѓе, да им одговори на нивните прашања и да закажува резервации/термини. Решението AI Асистент за веб страна е агент кој се прикачува на веб страната, може да прави резервации, да одговори на прашањата на корисниците на веб страната, и да ги пренасочува корисниците кај лице со кое што тие сакаат да зборуваат. Решението AI веб страна е наменето за случаи кога веб страната е застарена, не е привлечна или доколку бизнисот воопшто нема веб страна, тогаш ние создаваме нова со нашите AI алатки.
Вашата идеја е да понудите нуди AI решенија за услужните дејности како што се хотелите и рестораните. Како дојдовте до таа идеја, каков беше процесот на размислување?
Пред неколку години, кога излезе ChatGPT, сфативме дека AI ќе земе голем замав и дека ќе биде голем дел од животот и иднината. Од тие причини решивме дека треба нашиот фокус да го насочиме тука, и иако сме многу млади, да почнеме активно да се едуцираме и да ја изучиме таа алатка. Како поминуваше времето и како навлегувавме се подлабоко во можностите и опциите кои ги нуди вештачката интелигенција, откривавме дека има многу други алатки кои прават различни функции, кои што ние можеме да ги употребиме за да решиме некој вистински проблем. Кога сметавме дека имаме доволно знаења решивме и навистина да се посветиме на некои конкретни проблеми и да понудиме решенија. Така настана „Систем 4“.

Колку беше тешко или лесно за вас како средношколци да работите на креирање на ново решение, кој ви беше најголема поддршка, а што ви беа најголемите предизвици?
Дали беше тешко или лесно, не можеме да одговориме, бидејќи нема конкретен одговор. Секако дека имавме и тешкотии и предизвици, што е нормално кога се работи на барање на решенија кои треба најдобро да одговорат на одредени проблеми, кога треба да се истражува и да се донесат вистинските одлуки, но уживавме во сите предизвици. Најголема поддршка си бевме едни со други, имавме безрезервна поддршка и од нашите блиски, како и од сите ментори и волонтери од натпреварот кои ни помогнаа да ја усовршиме нашата презентација.
Колку младите во земјава имаат можности да бидат инвентивни и иновативни? Треба ли нешто да се менува?
Ние мислиме дека не треба генерално да се фокусираме на барање прилики и можности. Најбитно е да се почне со работа. Кога некој има идеја која му значи и активно и неуморно работи на неа, можностите сами ќе дојдат. Ние сметаме дека не треба да се надеваме на можности, туку дека треба јасно да согледаме со што располагаме сега во моментот и да работиме со тоа што ни е на располагање. И секако да го извлечеме најдоброто што можеме од тоа што имаме.

Што мислите дека најмногу им недостасува на младите луѓе во земјава, за да живеат добар живот, а и за да бидат успешни?
Мислиме дека тоа се храброста, дисциплината и постојаноста. Доколку младите се доволно храбри да се предизвикаат себеси со нешто што знаат дека ќе биде тешко, но исплатливо, доколку се доволно дисциплинирани да започнат со работа сега и доколку никогаш не се откажат, нашиот став е дека секој ќе успее. Во земјата има доволно прилики за секого, само треба секој од нас да биде доволно посветен и упорен и да има намера да успее.
Неодамна со „Систем 4“ освоивте првата награда на „Средношколец Милионер“ натпреварот за средношколски бизнис-идеи. Како одлучивте дека ќе учествувате и што ќе правите со милионот?
Информацијата за натпреварот ја добивме на презентација во училиштето на нашиот тим лидер Иван. Тој знаеше дека имаме капацитет, способност и одлична бизнис идеја, па затоа веднаш се пријавивме со намера дека ќе успееме.
Бидејќи неодамна го освоивме милионот, свесни сме дека уште сме под влијание на победничките чувства од натпреварот. Затоа, за да донесеме најдобра одлука за тоа како ќе го истрошиме милионот, решивме да помине уште некое време, па кога целосно ќе се стабилизираме, ќе разговараме.
Какви се реакциите на вашите врсници и пријатели на вашиот успех? Што би им препорачале за да ги мотивирате?
Најголем дел од нив веруваа во нас и беа пресреќни, реакцијата беше многу позитивна. На сите кои сакаат нешто да започнат, без разлика дали е тоа бизнис, некоја позитивна промена, или било што друго, би им препорачале да започнат веднаш и да не се откажуваат. Приликите сами одат кон луѓето кои постојано работат и имаат големи желби.



