Кинеската приватна компанија Space Pioneer стана првиот стартап кој успешно стигнал до орбитата на Земјата од прв обид. Тоа се случи минатиот викенд и со тоа стартапот истовремено стана првата кинеска компанија која стигнала до орбитата со помош на течна ракетна пропулзија.
Ракетата на Space Pioneer наречена Tianlong-2 полета од Јуикван на североистокот на Кина на 2 април. Tianlong-2 со себе понесе мал сателит. Оваа ракета користи течен кислороден керозин, додека кинеската вселенска администрација главно користи цврсти горива и оксиданси. Течните погонски горива се подобри за реупотреба, што е и една од целите на Space Pioneer.
Ракетата Tianlong-2 е составена од три фази и има капацитет за пренос на 2.000 кг до ниската орбита на Земјата или 1.500 кг до висина од 500 км. Сателитот кој го понесе ракетата со себе, Ai Taikong Kexue, го направи компанијата Hunan Hangsheng Satellite Technology Co. со цел да се тестираат способностите за чувствителност во орбитата. .
За да добиете претстава колку е битно ова достигнување на кинескиот стартап треба да знаете дека на Илон Маск и неговата компанија SpaceX им бeа потребни четири обиди за да стигнат до орбитата. Маск дури изјави дека ако не успеле при четвртиот обид, неговата компанија ќе банкротирала. Исто така, изјави дека неговата нова ракета Starship има 50% шанси да стигне до орбитата при првиот обид.
Следниот битен чекор на Space Pioneer ќе биде лансирањето на ракетата Tianlong-3, која ќе користи реупотреблива прва фаза и поголема ракета со течно погонско гориво. Tianlong-3 ќе може да носи до 15 тони товар до ниската орбита на Земјата и од Space Pioneer се надеваат дека ќе можат да ја лансираат во текот ан 2024 година.
(Interesting Engineering)
(фото: NASA)