Над 100 студенти од техниките факултети од земјава и регионот ќе учествуваат на научен конгрес “Science@FEEIT”

- Advertisement -

Вештачка интелигенција, машинско учење, техники за длабоко учење и други актуелни теми од областа на инженерските науки се темите кои ќе бидат во фокусот на научен конгрес “Science@FEEIT”, која ќе се одржи од 9-12 мај 2024 година во Скопје. Над 100 студенти од техничките факултети од земјата и регионот се веќе пријавени на “Science@FEEIT”, кој е во организација на Факултетското студентско собрание (ФСС) на Факултетот за електротехнички и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Во рамките на конгресот покрај најновите научни истражувања, дел од активностите ќе бидат посветени на зајакнување на регионалната соработка помеѓу академските заедници. Покрај тоа, на “Science@FEEIT” ќе се одржат и презентации и работилници од водечките компании во земјава, со што ќе се презентираат можностите за вработување и ќе се придонесе за поголема соработка помеѓу академската и деловната заедница. Годинава “Science@FEEIT” за прв пат ќе биде организиран на регионално ниво и ќе учествуваат и претставници на техничките факултети од регионот.

Водечките спонзори на “Science@FEEIT”, Македонски Телеком, ЕВН и Инфинеон, во рамките на конгресот ќе имаат свои работилници на кои ќе ги презентираат новите трендови и иновации во своите индустрии, како и можностите за вработување. Поддршка на “Science@FEEIT” даде и Нетцетера, како спонзор и малите спонзори: Цементарница УСЈЕ, Мако Сигре, Витаминка АД, Кнопперс, Тчибо кафе и Смајл гами.

- Advertisement -

Поддржувачи на конгресот се Универзитетското студентско собрание при УКИМ, Инженерската Институција на Македонија и Китановски & Д2ЕМ.

На конгресот на тема „Преглед на техники за длабоко учење за мрежни системи за откривање на упад“, свое излагање ќе имаат д-р Марко Порјазоски, редовен професор на ФЕИТ и м-р Гоце Стевановски, раководител на лабораторијата за дигитална форензика и наставен соработник на Воената академија „Михајло Апостолски“ и на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. „Сијамски невронски мрежи за следење на луѓе“ е втората тема, а најновите истражувања од оваа област ќе ги презентираат проф. д-р Зоран Ивановски и м-р Елена Василева од ФЕИТ. Давор Тодоровски магистер по комуникациски системи,  воедно и архитект на решенијата на Виасат како и ФЕИТ алумни ќе зборува на темата „Од ФЕИТ до вселената: Развивање на нов хибриден комуникациски систем за ултра доверливо поврзување“. За поврзаноста и значењето на „Науката, музиката, спортот и бизнисот како животен стил во инженерскиот свет“ ќе зборува Михаил Китановски, интернационален бизнис и менаџмент консултант и ФЕИТ алумни.

- Advertisement -

Покрај тоа на конференцијата на посебен панел ќе се дискутира и за исклучително актуелната тема „Етички импликации како пристрасност, приватност, безбедност и алгоритамска транспарентност во системите што користат вештачка интелигенција“. На оваа тема во рамките на панелот ќе зборуваат проф. д-р Христијан Ѓоревски од ФЕИТ, проф. д-р Ѓорѓи Мацаров од ФИНКИ, Александар Камиловски основач и извршен директор на „Карбула“ и Мартин Поповски Tech лидер на генеративна ВИ во Нетцетера. 

“Science@FEEIT” е платформа која служи за размена на иновациите во науката, најновите истражувања во областа на техничките науки и зајакнување на партнерствата и соработката помеѓу професорите и студентите. Покрај тоа оваа платформа има за цел и градење на цврсти мостови помеѓу студентите и деловната заедница и поголемо вмрежување. Преку овие активности “Science@FEEIT” придонесува за подигнување на квалитетот на стручни знаења но истовремено се подобрува квалитетот на кадарот на пазарот на труд. Покрај “Science@FEEIT” Факултетското студентско собрание активно работи и на организација на неколку други настани посветени на посебни сегменти од електротехничките науки какo “Tech@FEEIT” и “Applied@FEEIT”, а се работи за препознатливи научни настани со неколку годишна традиција.

Сподели!
- Advertisement -