Во просториите на Македонска берза се одржа информативен настан “Македонска берза на хартии од вредност: Состојби, активности и иницијативи” на која присуствуваа финансиски консултанти кои се дел од Платформата за пристап до финансии 3.0 на Активноста на УСАИД Партнерства за економски раст. На настанот беа претставени тековните проекти и активности на Берзата, беше објаснета постапката за издавање на хартии од вредност преку приватна и јавна понуда и условите за котација на Берзата. Воедно, Берзата го претстави и деловниот Клуб БУМ кој имa цел да помогне да се премости јазот помеѓу инвеститорите и компаниите – членки на Клубот, во нивните обиди за финансирање на сегашните или идни деловни идеи и проекти, со посебен акцент на процесот на небанкарско финансирање на бизнисите.
Настанот е дел од соработката на Македонската берза и Активноста на УСАИД во насока на зголемување на финансиската способност, продуктивноста и конкурентноста на приватниот сектор, истовремено земајќи ги предвид и факторите што влијаат врз животната средина и општественото опкружување при донесување на корпоративни одлуки.
Целта на оваа соработка е преку координација, градење на локални капацитети, искористување на постоечките и развој на нови финансиски инструменти да се одговори на потребите на приватниот сектор за раст и развој, како и барањата поврзани со заштита на животната средина, општествените прашања и управувањето. Овие заеднички активности ќе придонесат за обучување на консултанти и компании за целите, критериуми и индикатори што треба да се следат, мерат и анализираат при спроведување на ESG (Environmental, Social and Governance) стандардите. Дополнително, преку соработката приватниот сектор ќе може детално да се запознае со основите правила, принципи и новостите во однос на тргувањето со хартиите од вредност издадени од акционерските друштва.
БЕЛЕШКА ЗА УРЕДНИЦИТЕ
Американскиот народ преку УСАИД има инвестирано над 840 милиони долари во земјава од 1993 година досега. УСАИД е водечка меѓународна агенција за развој во светот и двигател кој води до развојни постигнувања. Работата на УСАИД ја унапредува националната безбедност и економскиот просперитет на САД, ја отсликува американската великодушност и на земјите со кои соработува им помага на патот до самостоен и стабилен развој. За повеќе информации за работата на УСАИД во Северна Македонија, посетете ја нашата веб страница https://www.usaid.gov/north-macedonia и следете нѐ на YouTube, Твитер и Фејсбук.