Македонските компании сè се посвесни дека инвестициите во зелени практики им носат голем бенeфит!

- Advertisement -

Интервју со Весна Лазаревска – проектна менаџерка во Програмата за развој на Обединетите нации по повод нејзиното учество на Меѓународниот Социјален форум: Вклучување на социјалните партнери и граѓанското општество за зелената транзиција. Разговаравме за тоа колку “зелените“ трендови во водење бизнис се стигнати во македонската бизнис сцена и што прави Програмата за развој на ОН во земјава да ги поттикне овие практики.

Новинар- Верица Јорданова

- Advertisement -

Програмата за развој на Обединетите нации активно работи  во промовирање на одржливиот развој. Во агендата за реализација на глобалните одржливи цели и социјално праведна зелена транзиција е еден од постулатите. Кои се научените лекции и добри пракси во оваа насока?

Работата на УНДП во Северна Македонија е фокусирана на повеќе фронтови кон забрзување на остварувањето на целите за одржлив развој (ЦОР). Низ годините, нашата канцеларија била иницијатор на активности што промовираат развојни политики што поддржуваат создавање пристојни работни места, претприемништво, креативност и иновација и им помогнала на бизнисите да опстанат и да ги задржат работниците. Во овој поглед, УНДП поддржал повеќе од 22.000 луѓе да се спасат од сиромаштија овозможувајќи нивното активирање на пазарот на труд, додека повеќе од 6000 луѓе добиле обука за вештини за да ги подобрат можностите за вработување.

- Advertisement -

Како и глобално, и кај нас бележиме зголемен интерес на малите и средните претпријатија (МСП) кои сè повеќе ја прифаќаат зелената агенда како дел од нивното деловно работење и стратегии за раст. Оваа промена е водена од зголемена свесност за прашањата поврзани со животната средина, промените во барањето на потрошувачите за поодржливи производи и услуги и претстојната усогласеност со стандардите на Европската Унија за заштита на животната средина и одржливост.

Во овој поглед, УНДП во партнерство со Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Северна Македонија ја препозна потребата да ја поддржи оваа зелена транзиција и спроведе мерка за вработување според Националниот оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот. Така, им беше дадена поддршка на претпријатијата во форма на финансиска поддршка за создавање нови работни места преку зелени инвестиции и преку поддршка за менторство.

- Advertisement -

Од она што го гледате на терен, се менува ли свесноста на компаниите во однос на одржливоста? Кои индустрии предничат во оваа насока?

Во минатите циклуси преку спроведување на мерката за создавање работни места преку зелени инвестиции, УНДП во соработка со Агенцијата за вработување забележа дека малите и средни претпријатија ја зголемуваат својата свесност за зелените работни места и ги создаваат истите преку зелени инвестиции. Ако во пилот фазата на проектот во 2022 година, најголем дел од инвестициите беа за зголемување на енергетската ефикасност на зградите и поставување фотоволтаици, во 2023 и 2024 година забележавме интересен феномен каде што голем број компании се пријавија со навистина иновативни решенија за промена на производствените процеси преку воведување зелени практики, а и самиот процес создаде ново „зелено“ работно место. Иако во првите фази секторот за транспорт беше помалку застапен, оваа година има шест избрани апликации од транспортни компании со инвестиции за подобра енергетска ефикасност на простории за одржување возила, како и купување електрични скутери за достава, што укажува на промена во овој сектор и препознавање на потребата од таканаречени зелени инвестиции.

Во рамките на оваа програма, беше дадена поддршка и преку менторски услуги преку платформата bizz4all.mk и нејзините менторски услуги наменети да обезбедат разновидна поддршка на едно место за малите исредни претпријатија да ги надминат предизвиците наметнати од пандемијата на КОВИД-19. Во 2022 година, бројот на искусни бизнис ментори во програмата беше зголемен на 58 и беа воведени нови услуги како што се дигитална и зелена транзиција за бизнисите. Досега платформата обезбедила услуги за повеќе од 1.500 компании, од кои во 2022 година 30 МСП побарале поддршка за зелена транзиција, а во 2023 година, тој број се зголемил на 50 МСП. Со ова, платформата има потенцијал да одговори на идната побарувачка за менторски услуги поврзани со потребите на релевантниот сектор.

Имајќи го ова предвид, во иднина ќе треба да се земат предвид некои фактори за државите да бидат подготвени за промена на пазарот на труд во однос на работните места: промена на потребните вештини, промена во образовни програми, преквалификација и доквалификација на работниците, подобрување на претприемничките способности.

Од тоа што го видовме како природна прогресија во спроведувањето на „зелената мерка“, не е скромно да се очекува дека во иднина ќе имаме предлози за инвестирање и создавање зелени работни места во области како што се инженерство за заштита на животната средина, одржливо урбанистичко планирање и одржување инфраструктура за електрични возила како дел од зелениот транспорт.

Како зелената транзиција ќе влијае на пазарот на труд?

Свесни сме дека транзицијата кон зелена мобилност, исто така, има потенцијал значително да влијае врз пазарот на труд на различни начини, и позитивно и негативно.

Веќе сведочиме во глобални и во регионални рамки дека зелената мобилност подразбира создавање работни места во нови индустрии, и тоа во иницијативите заинфраструктура за јавен транспорт, мрежи на велосипедски патеки и производство на електрични возила подразбираат можности за нови работни места во индустрии како градежништвото, инженерството, производството, одржувањето и функционирањето на системи за зелен транспор. Понатаму, тоа е секако поврзано и со развој на нови вештини и соодветна обука за истите. Неминовно е да се појави зголемена потреба од програми за обука и образовни можности за да се опремат работниците со неопходните вештини како што се обновлива енергија, технологија на електрични возила и одржливо урбанистичко планирање.Во тој правец, ќе се отворат иможности за работниците во традиционалните индустрии да добијат „осовременување со зелени вештини“, каде што нивните постојни вештини се приспособени или надградени за да бидат усогласени со потребите на секторите за зелена мобилност.

Од друга страна пак, иницијативите за зелена мобилност може да имаат и импликации за неформалните пазари на трудот, особено во области како што се услугите за јавен транспорт и неформалното одржување на возилата. Формализирањето на овие сектори и нивното интегрирање во системи за одржлив транспорт ќе значи и подобрување на работните услови и создавање нови можности за вработување, истовремено намалувајќи ги ефектите на неформалениот труд.

Суштински е да се осигури дека транзицијата кон зелена мобилност е праведна и инклузивна. Ова вклучува овозможување поддршка и можности за обука за работници што може да се  погодени од транзицијата, како што се оние во нискоквалификувани или ранливи занимања, како и промовирање на родовата еднаквост и социјалната инклузија во секторите за зелена мобилност. Иако транзицијата кон зелена мобилност создава предизвици и можности за пазарот на труд, проактивните мерки, како што се програмите за развој на вештини, механизмите за социјална заштита и инклузивните политики, може да помогнат да се ублажат потенцијалните негативни влијанија и да ги максимизираат позитивните исходи на транзицијата за работниците и заедниците.

Каква улога предвидува УНДП за локалните заедници во поттикнувањето на транзицијата кон зелена мобилност и како може ефективно да се олесни нивното учество?

Како што веќе споменав, во рамки на проектните активности поврзани со зелената транзиција во Северна Македонија, УНДП негува долготрајно партнерство со Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување. Преку ова партнерство ги развивме сите интервенции наменети за справување со предизвиците на пазарот на трудот и во приватниот сектор и ја потпомогнавме соработката со општините и граѓанските организации и сме сигурни дека повторувањето на постојни модели може да го олесни ефективното учество на сите локални чинители да имаат клучна улога во поттикнување на транзицијата кон зелена мобилност.

УНДП ја препознава важноста на вклучувањето на локалните заедници во процесот на одлучување во врска со иницијативите за зелена мобилност. Вклучувањето и консултирањето со заедницата е од најголема важност и подразбира консултирање со членови на заедницата за да се разберат нивните потреби, претпочитања и грижи во врска со транспортната инфраструктура и услуги. Може да се користат ефективни канали за комуникација, како што се јавните состаноци, работилници и онлајн платформи за да се поттикне значаен дијалог и соработка меѓу чинителите.

Нашата цел е да поддржиме иницијативи што им помагаат на локалните заедници да преземат активна улога во поттикнување на транзицијата кон зелена мобилност преку зајакнување и градење капацитети. Ова може да опфати програми за обука и градење капацитети за членови на заедницата за теми како што се планирањето одржлив транспорт, јавното застапување и организирање на заедницата. Со тоа што заедниците ќе се стекнат со неопходното знаење и вештини, може да станат поефикасни агенти на промена во промовирањето решенија за зелена мобилност.

Поттикнувањето партнерства и соработка меѓу локалните заедници, владините агенции, граѓанските организации и приватниот сектор може да ја олесни и транзицијата кон зелена мобилност. Преку спојување на различни чинители може да се создадат синергии, да се искористат ресурси и да се развијат иновативни решенија за да се одговори на предизвиците со транспортот на локално ниво.

Промовирањето партиципативен пристап е уште еден поттик за развој и спроведување на иницијативите за зелена мобилност, каде што локалните заедници активно учествуваат во решенија за кокреирање што се приспособени на нивните специфични потреби и контексти. Ова треба да опфаќа проекти предводени од заедницата, пилот програми и проекти за демонстрирање што им овозможуваат на заедниците да ги тестираат и подобрат решенијата за одржлив транспорт во соработка со релевантните чинители.

Треба да се направат напори и за да се зголеми свесноста и да се едуцираат локалните заедници во врска со придобивките од зелената мобилност и важноста на практиките за одржлив транспорт. Ова може да опфати спроведување кампањи за јавната свест, организирање едукативни работилници и обезбедување информативни материјали за промовирање на промена во однесувањето и поттикнување да се усвојат опции за транспорт што се ориентирани кон животната средина.

УНДП отсекогаш бил поддржувач на инклузивноста и промовира инклузивни и еднакви пристапи кон зелената мобилност што го гарантираат учеството и застапеноста на сите членови на заедницата, вклучително и маргинализираните и ранливите групи. Поради тоа, сигурни сме дека отстранувањето на социјалните, економските и родовите разлики во пристапот до транспортни услуги и можности, како и промовирањето инклузивни процеси на одлучување ќе поттикне посинергиски пристап во овие напори. Со олеснување на активното учество на локалните заедници во поттикнување на транзицијата кон зелена мобилност, ќе поттикнеме сопственост, одржливост и социјална инклузија во развојот на транспортни решенија што одговараат на потребите и стремежите на заедниците.

Корисници на „зелена“ мерка, Валандово

Што можеме да направиме во иднина за справување и ублажување на транспортната сиромаштија?

Во ОН се водиме според мотото „Никој да не биде изоставен“ што ја отсликува заложата за овозможување еднакви можности за сите. Имајќи го ова предвид, при справувањето и ублажувањето на транспортната сиромаштија клучно е креаторите на политики, владите и локалните власти да работат заедно со цел пристап до евтини, пристапни и одржливи опции за транспорт што овозможуваат целосно  учество во економскиот, социјалниот и културниот живот.

Пред сè, клучно за справувањето со транспортната сиромаштија е да се осигури дека транспортната инфраструктура и услуги се пристапни и инклузивни за сите членови на општеството. Ова подразбира јавниот транспорт да биде пристапен за луѓето со попреченост, подобрување на пешачката инфраструктура и овозможување безбедни и сигурни капацитети за возење велосипед.

Интегрираниот пристап кон планирањето на транспортот е од огромно значење за соодветно да се одговори на различните потреби на сите членови на општеството. Ова вклучува приоретизирање на развојот на инфраструктура за јавен транспорт, инфраструктура за пешаци и велосипедисти и пристапни опции за транспорт за луѓе со попреченост.

Во земјите во развој, подобрувањето на пристапот до евтин јавен транспорт исто така е од суштинско значење за да се одговори на транспортната сиромаштија. Треба да се стреме кон субвенционирање на трошоците за јавен транспорт за поединци и семејства со ниски приходи, спроведување програми за намалување на цените на билетите и проширување на мрежите на јавниот транспорт за да допрат до недоволно опслужените заедници. Во овој дел важно е да се потенцира и неопходноста за обезбедувањето поддршка за приходите и финансиска помош за поединци и семејства со ниски приходи може да помогне да се олесни финансискиот товар на транспортните трошоци за најсиромашните.

Поддршка на иницијативите за транспорт предводени од заедницата може да им помогне на локалните заедници да се охрабрат да ги исполнат своите транспортни потреби. Ова може да вклучува воспоставување шеми за транспорт во заедницата, како што се волонтерски програми за возачи или транспортни услуги во сопственост на заедницата за да се овозможат транспортни услуги на оние на кои им се најпотребни.

Константна едукација и информирање со кампањи на терен, споделување информации за рутите и распоредите на јавниот транспорт и нудење програми за планирање  и буџетирање на јавниот транспорт е уште една препорака за справување со транспортната сиромаштија.

Сподели!
- Advertisement -