Се чини дека оваа година ќе биде навистина единствена во однос на вселенските феномени кои можеме да ги набљудуваме од Земјата. Откако не воодушеви аурора бореалис, која благодарение на силните геомагнетни бури се спушти појужно отколку што некој можеше да очекува и ни овозможи уникатно искуство, до крајот на годината не очекува уште еден вселенски спектакл.
Како што пишуваат од НАСА, до крајот на годината не очекува голема експлозија на ѕвезда, т.н. нова, која ќе го осветли ноќното небо. Велат, тоа ќе биде настан кој се случува еднаш во животот.
Тоа е настан кога промените во ѕвездата предизвикуваат ослободување на голема количина на енергија и таа станува многу светла. Овој блесок е само привремен и ѕвездите обично се враќаат во нивната нормална состојба по настанот.
Иако е тешко да се предвиди кога може да се случи таков настан, астрономите очекуваат дека тој би можел да се случи до септември 2024 година. и во бинарен систем во соѕвездието Корона бореалис, познато и како Северна круна. Тоа е соѕвездие оддалечено од Земјата околу 3.000 светлосни години.
Бинарниот систем се нарекува T Coronae Borealis. Содржи две гравитациски врзани ѕвезди – бело џуџе (остатоци од ѕвезда со големина на Земјата која умрела) и црвен џин (ѕвезда која пропаѓа откако изгубила голема количина на водород во неговото јадро).
Астрономите на НАСА истакнуваат дека ослободувањето на водород од црвениот џин во бинарниот систем предизвикува големо зголемување на притисокот и топлината на белото џуџе. Таквото зголемување може да предизвика „термонуклеарна експлозија“ доволно голема за да го однесе материјалот што го собрал белото џуџе.
За разлика од супернова, која е целосно уништување на крајот од животот на ѕвездата, новата му дозволува на белото џуџе да продолжи да биде активно.
Научниците проценуваат дека нови се појавуваат во просек на секои 80 години и можат да траат „десетици стотици или илјадници години“.
Што се однесува до овогодинешната нова, научниците велат дека експлозијата ќе биде толку силна што луѓето би требало да можат да ја видат нејзината светлина без телескоп или друга специјална опрема, а силната светлина може да направи да изгледа како да се формирала нова ѕвезда на небото.
(Zimo)
(фото: Wikipedia)