АНАЛИЗА: Генијалец, иноватор, визионер: Илон Маск во поход кон вселената!

- Advertisement -

Има ли денес некој кој не слушнал за Илон Маск, генијалниот иноватор, сериски претприемач, креаторот на едни од најбрзите електрични автомобили на денешницата, креаторот на првиот подземен тунел за утрабрз подземен транспорт, креатор на најголемата батерија во светот. Треба ли да набројуваме уште од неговите креации? Секако дека не. Овој човек кој има поголем капацитет за помнење и учење од најголем дел од луѓето на планетата Земја има остварено се што замислил

Меѓу другото, тој е директор на компанијата SpaceX, која досега не изненади во повеќе наврати со своите амбициозни цели, но и реализации на истите. SpaceX е првата компанија која дури 20 пати во 2017 година лансираше повторно употребена ракета, нешто што не можеше да се замисли пред неколку години. Неодамна Илон Маск од космичкиот центар „Кенеди“ ја лансираше супер тешката ракета-носaч Falcon Heavy. Falcon Heavy е досега најголемата конструирана ракета со најмалку двапати поголема носивост од другите слични ракети.

Лансирањата на претходните ракети Falcon не беа секогаш успешни, но на оваа најголема ракета немаше вистински товар, туку наместо тоа Маск во вселената го испрати својот стар автомобил Tesla Roadster автомобил со кукла облечена во новиот вселенски костим на SpaceX. Mузичкиот систем во автомобилот постојано го репродуцира хитот на Дејвид Боуви, Space Oddity.

- Advertisement -

Ова е реакцијата на Маск при лансирањето:

- Advertisement -

Специфичноста на ракетата е во тоа што и оваа може да се користи повеќе пати, што претставува основа за намалување на цената на вселенските патувања. Falcon Heavy се состои од три јадра како она на Falcon 9, што на ракетата ѝ дава дополнителна јачина, а ќе може да понесе и до 63 тони товар.

Маск најави навистина невидени снимки од трите камери поставени во автомобилот, па уште истиот ден по лансирањето се појави првото видео со неверојатен поглед на Земјата. НАСА неколку дена по лансирањето официјално го призна автомобилот како небесно тело. Доколку ја посетите веб страницата NASA Horizons и кај опцијата change впишете SpaceX, па потоа и кликнете на generate ephermis, ќе ги добиете сите детали за автомобилот како небесно тело, како и неговата позиција во вселената. Преку овој систем НАСА ги следи сите тела во Сончевиот систем како сателитите, планетите итн.

- Advertisement -

Маск изјави дека автомобилот ќе се оддалечи од Земјата на околу 400 милиони километри и ќе лета со брзина од 11 километри во секунда, а според проценките, возилото ќе се наоѓа во таа орбита неколку милиони години или можеби и повеќе од една милијарда години. Сепак, многу експерти изминатите денови изјавија дека најверојатно автомобилот ќе биде уништен за една година од радијација или од вселенскиот отпад.

Тоа е последното достигнување на Маск, но ајде да се потсетиме и на другите

Тој минатата година ги откри своите планови за патување на Месечината и на Марс со нови ракетни системи. Меѓутоа, ги изненади сите кога рече дека истите системи ќе се користат за патувања на Земјата. Тој го објави и својот амбициозен проект за изградба на база на Месечината и на град на Марс, што би требало да почне да се реализира за само пет години.

Јужноафриканскиот милијардер го соопшти ова на презентацијата во Аделејд (Австралија), откривајќи дека годинава ќе почне изградбата на потребните бродови за поддршка на мисијата, која би требала да ги прати луѓето на Марс уште во 2024 година.

Идната мегаракета на која работи основачот на SpaceX, Big Fucking Rocket или скратено BFR ќе се користи за населување на Марс. Планирано е BFR да има свои станици во сите големи градови во светот. Оваа ракета или масивен вселенски брод би се движел околу Земјината орбита и би се спуштал на лебдечки станици во поголемите градови.

Маск прикажа видео на кое демонстрираше како патниците со брзи ракети би можеле да стигнуваат брзо на оддалечени дестинации на Земјата. Според него, за најдолгите патувања кои може да траат со часови или со денови со други превозни средства со ракетите на патниците би им требало само половина час. Притоа, цената на летањето со ракети би била иста како за економичните летови со авион.

Пред некој ден SpaceX лансираше сателити за Интернет, а тоа е само дел од поголемиот план кој вклучува лансирање неколку илјади сателити во орбитата на Земјата во текот на наредните неколку години. Илон Маск со години зборува за лансирање илјадници сателити кои ќе овозможат брз Интернет за сите луѓе во светот. Деталите за тие сателити главно се чуваат во тајност, но сега е познато дека првите два прототипови на тест сателити веќе беа лансирани.

За се да биде според планот, првиот оперативен сателит ќе биде лансиран во 2019 година. Од компанијата потврдија дека сателитите Microsat-2a и Microsat-2b беалансирани со помош на ракетата Falcon 9, која понесе и радарски опсервациски сателит во сопственост на владата на Шпанија.

Во ноември 2017 година SpaceX испрати тајна вселенска мисија наречена Zuma надвор од нашата атмосфера. Компанијата на Илон Маск тестираше ракета Falcon 9 на 1 ноември со намера да се лансира мисијата на 15 ноември. Датумот беше променет за еден ден и и повторно беше одложуван, но мораше да се лансира до 30 ноември. Зошто мораше тоа да се случи до крајот на месецот не е познато.

Според она што пишуваа медиумите, SpaceX ја испрати мисијата за американската влада. Единствено што е познато е дека пристапот до информации е ограничен. Не е прв пат SpaceX да лансира тајни мисии, влучувајќи и шпионски сателит за Националната извидничка канцеларија и уште една мисија за Министерството за одбрана. Сепак, овој пат зад Zuma изгледа не стои ниедна владина агенција. Она што е познато е дека ракетата ќе се движи во долниот дел од Земјината орбита и ќе тргне од Вселенскиот центар Кенеди.

Не сите се сложуваат дека овие револуционерни идеи на Маск се за доброто на сите и ќе резултираат со подобар живот на луѓето. . Независната комисија за безбедност при вселенски летови ѝ препорача на НАСА да не ја сертифицира програмата на SpaceX за комерцијални цели. Според стручните лица, слабите точки на ракетите Falcon 9, што беа причина за експлозија на една од нив во 2016 година, уште не биле отстранети.

Тие сметаат дека е потребно да се преиспита пристапот кон гаранцијата на безбедност на летовите. Во извештајот уште се наведува дека ни SpaceX ниту конкурентот Boeing моментално не ги исполнуваат стандардите за безбедност на вселенските летови.

Долгорочниот план на SpaceX не само што го забрзува процесот на лансирање на ракети, туку и го сведува времето за повторно користење на ракетите на 24 часа, со цел да можат да се лансираат повеќе ракети за една недела. Повторно лансираните ракети се сметаат за клучни за намалувањето на трошоците за вселенскиот лет, со оглед на тоа што НАСА се обраќа до приватни компании за превоз на материјали и евентуално и астронаути на Меѓународната вселенска станица.

Освен своите милијарди, логично е прашањето од каде Маск наоѓа средства за да ги финансира овие навистина амбициозни проекти. Според она што може да се прочита во медиумите, неговите „деца“ Tesla Motors, SolarCity и SpaceX примаат владини субвенции. Според еден напис од 2015 година во LA Times, овие три компании заедно добиле 4,9 милијарди долари поддршка од владата на САД.

Почнувајќи од мај 2012 година SpaceX работеше со капитал од 1 милијарда долари за првите 10 години. Од нив околу 200 милиони долари се приватен капитал, Маск инвестираше околу 10 милиони долари, а други инвеститори околу 100 милиони долари.

Од друга страна, со цел да ги намали своите оперативни трошоци, НАСА пред повеќе од една деценија усвои план дека ќе се потпира главно на приватната индустрија за некои работи затоа што приватните компании прават поевтини производи. Како дел од тој план, уште во 2006 година НАСА со SpaceX го склучи договорот Commercial Orbital Transportation Services (COTS) за карго превоз и евентуално транспорт на екипаж. Според договорот, SpaceX доби 278 милиони долари, кои делумно беа искористени за развој на ракетата Falcon 9, која сега редовно носи товар до Меѓународната вселенска станица.

Подоцна, НАСА склучи уште неколку договори со вкупен износ од 1,6 милијарди долари за достава на товар и снабдување на вселенската станица по многу пониски цени од претходно. Со други зборови, оваа инвестиција на НАСА во SpaceX досега е и повеќе од исплатлива. SpaceX од НАСА доби и 75 милиони долари за понатамошен развој на капацитетите за транспорт на екипаж до вселенската станица, како и 440 милиони долари за поддршка на развојот на вселенското возило Dragon 2 за превоз на екипаж.

Од денешен аспект, еднаков е бројот на експерти кои се скептици за успехот на идејата на Маск за колонизација на Марс, туристички патувања до Марс и назад и неколку од проектите на другите негови компании и бројот на тие кои го поддржуваат откако се уверија во неговата упорност и неговите квалитети. Додека првите тврдат дека идеите се неостварливи од многу причини, вторите со нетрпение очекуваат Маск да ни овозможи да посведочиме на уште еден историски момент и да го одбележи почетокот на нова ера во животот на Земјаните.

Што е наредното што следува од Илон Маск?

Сподели!
- Advertisement -