Програмата CopenPay е дизајнирана да го намали „еколошкиот товар“ од туризмот, според Туристичкиот одбор на Копенхаген. Туристите кои ќе одлучат да учествуваат во еколошки активности за време на нивната посета на Копенхаген, ќе бидат наградени со бесплатна храна и други поволности, соопшти градскиот туристички одбор.
Како дел од пробната иницијатива CopenPay, која започнува на 15 јули, 24 локални атракции ќе им понудат на посетителите и жителите на данската престолнина различни награди, доколку докажат дека учествувале во зелени акции како што се собирање отпад, избирање јавен превоз или возење велосипед.
Во замена за нивните еколошки свесни постапки, посетителите на атракциите ќе можат да побараат бесплатен ручек, кафе, чаша вино, па дури и да изнајмат кајак за пловење, пишува Би-би-си.
„Кога патувате во странство, без разлика дали летате или одите со автомобил на други дестинации – загадувате. Една од работите што можеме да ги промениме е да ги охрабриме луѓето да се однесуваат поодржливо“, рече Рике Холм Петерсен, раководител на одделот за комуникации на туристичкиот одбор. Целта на таа иницијатива е да се направи „мал чекор кон зелената транзиција“, додаде Петерсен.
Таа рече дека за одредена погодност, посетителите на атракциите можеби ќе треба да му покажат на персоналот фотографија од себе како возат велосипед додека престојуваат во Данска или да им донесат билет за воз за проверка, но не мора, имајќи предвид дека целиот проект се базира на доверба.
Петерсен предвидува дека помал број посетители ќе учествуваат во зелената иницијатива која ќе трае до 11 август. Според статистиката на данската влада, минатата година во Копенхаген имало повеќе од 12 милиони ноќевања.
Дваесет и петгодишниот Оти Џаспер има намера да отпатува од Лондон во Копенхаген на работа во август. Тој ја пофали иницијативата за заштита на климата што ја тестираат Данците, но призна дека е малку веројатно дека ќе собира ѓубре за награда. Одлично е што прават нешто за климата, но како поттик ми се чини дека тоа е многу труд“, заклучи тој.
Доколку програмата се покаже како успешна, Данците ќе ја продолжат до крајот на годината. „Замислете луѓето да земат зелена свест со себе како сувенир од нивното патување – тоа би било неверојатно“, вели Петерсен.
Извор – Пословни дневник