Како дел од процесот за воведување на електричен јавен превоз на територијата на општина Струмица, денеска, Градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, и Директорот на ЈСП „Струмица – Транспорт“, Драги Поп-Стојанов, официјално ги добија клучевите од новите електрични автобуси од добавувачот „Аутомакедонија“ АД Скопје. Со овој чекор, Струмица станува првата општина на Балканот која целосно ќе имплементира електричен и еколошки јавен превоз.
Градоначалникот Костадинов ја истакна важноста на овој момент за Струмица: „Денешниот ден е од голема важност за општина Струмица. Инвестирањето во електрични автобуси претставува многу повеќе од воведување на јавен превоз. Овие нови автобуси се симбол за посветеноста на општината кон позелена, почиста животна средина и поголема благосостојба на нашите граѓани. Со тоа што станавме првиот град во регионот кој воведува целосно електричен јавен превоз, даваме пример не само за Македонија, туку и за целиот Балкан.“
Автобусите имаат капацитет да превезуваат до 48 патници, со литиум-јонска батерија и електричен мотор со моќност од 270 kW. Вредноста на набавените автобуси изнесува 7 милиони евра, а од 11 септември ќе започнат со тест возење, со бесплатен превоз за граѓаните во првиот месец.