ФОТОГАЛЕРИЈА: Како текстилниот отпад се претвора во дизајнирани производи?

- Advertisement -

Преубави дизајнирани украсни перничиња, јоргани, прекривки и lazy bags беа претставени на модна ревија во Штип. Овие производи се резултат на проектот „Кружната економија како модел за решавање на текстилниот отпад во Општина Штип“, финансиски поддржан од Глобалниот Еколошки Фонд ГЕФ ПМГ Република Северна Македонија кој поддржува здруженија во нивните активности кон намалување на климатските промени, зачувување на биолошката разновидност, заштитата на меѓународните води, намалување на влијанието на хемикалиите / неразградливите органски загадувачи и спречување на деградацијата на земјиштето истовремено создавајќи одржливост.

Проектот има амбициозна но остварлива цел – собирање на 6 тони текстилен отпад од градот на текстилот Штип и негово рециклирање во производи со додадена вредност. Првиот чекор веќе е направен. Првите производи, дизајнирани од студентите на Техничко-Технолошкиот факултет од Универзитетот Гоце Делчев Штип, под водство на доцент Сања Ристески привлекоа големо внимание на јавноста. Следните чекори допрва следуваат – рециклирање на нови количини отпад, производство и онлајн продажба на производи од текстилен отпад.

- Advertisement -

Проектот го реализираат здружението Ино Тех Клуб, Фондацијата за развој на локалната заедница Штип и Универзитетот Гоце Делчев. Партнер во проектот е конфекцијата ШТИПТЕКС, од каде што се зема текстилниот отпад.

 „Преку текстилен отпад да се формира производи со додадена вредност и да се намали загадувањето на животната средина е нешто кое допрва се развива и кое треба да послужи како модел на добра пракса за идни проекти. Проектот Кружната економија како модел за решавање на текстилниот отпад во Општина Штип има за цел да преработи само 6 тони отпад но преку неговата одржливост оваа цифра може да се зголеми многукратно“, вели професор Игор Јорданов од Технолошко металуршкиот факултет од Скопје и лидер на овој проект, кој за првпат ја промовира кружната економија во општина Штип.

- Advertisement -

На дебатата која се одржа во рамки на овој настан кој беше дел од Fashion Weekend Скопје, Борис Шарковски од Фондацијата за развој на локалната заедница стави акцент на промоцијата на концептот на циркуларна економија и социјално претприемништво кое е во зародиш во нашата држава а има огромен потенцијал за развојот на економијата.

Во Штип има над 80 текстилни компании, овој пионерски чекор кој го започнавме преку проектот Кружната економија како модел за решавање на текстилниот отпад во Општина Штип очекуваме да се развива, да се одржува и да се следи и од други чинители, изјави Дијана Насева од УГД, асистент на проектот и модератор на настанот.

Сподели!
- Advertisement -