Ракетниот инженер Ванг Хаозе влезе во историјата со тоа што стана првата цивилна астронаутка од Кина во вселената. Ванг им се придружи на своите колеги, поточно на екипажот на мисијата Shenzhou-19, во патувањето до вселенската станица Тиангонг.
South China Morning Post (SCMP) известува дека оваа мисија претставува историска пресвртница и била лансирана рано вчераутро.
„Јас бев главно одговорна за прелиминарното истражување на нови мотори за развој на идни ракети за истражување на длабоката вселена. Никогаш не замислував дека ова ќе го доживеам како професионалец во вселенската наука и технологија. Кога се укажа прилика, се пријавив. Не можам да поверувам“, изјави 34-годишната Ванг.
Таа отпатува до станицата Тиангонг со екипажот составен од командантот Каи Ксуже и Сонг Лингдонг, астронаут за кого ова е прва мисија во вселената. Лансирањето се случи од центарот за лансирање на сателити Џиукван во пустината Гоби. Кинеската вселенска агенција потврди во текот на денот дека екипажот успешно пристигнал на станицата.
Ванг стана првата жена инженер за вселенски летови во Кина, и покрај недостатокот на искуство во вселенски летови. Таа помина низ предизвикувачки тренинг и на тој начин обезбеди место во мисијата Shenzhou-19. Нејзината инженерска експертиза добро ќе му служи на екипажот, особено во решавањето на проблеми.
„Можам да помогнам да се воспостави комуникација со техничарите на теренот. Кога проблемите бараат заеднички напор, моето искуство и инженерските вештини можат да дадат значаен придонес“, додаде Ванг.
(Klix.ba)