Пред седум години SpaceX објави видео кое покажува како би можел да изгледа транспортот на иднината и како тие би можеле да стигнат до кој било дел од нашата планета за помалку од еден час. Од Њујорк до Шангај би биле потребни само 39 минути (патување кое вообичаено трае околу 15 часа), додека лет од Големото јаболко до Лондон би траел помалку од половина час.
„Ова сега е возможно“, напиша на платформата Х, Илон Маск, основачот на SpaceX, одговарајќи на коментар за вселенските летови на корисниците на таа платформа. Тој корисник напиша дека под Трамп, Федералната управа за авијација може за неколку години да му даде дозвола на SpaceX да лета со ракети Starship кои ќе ги поврзуваат градовите на Земјата за помалку од еден час. Така, наместо повеќечасовни воздушни летови, ракетата ќе стигне до саканата дестинација оддалечена илјадници километри за помалку од 60 минути или за помалку од половина час.
Како е замислено може да видиме во споменатото видео на SpaceX. Патниците од Њујорк прво се качуваат на брод кој ги транспортира до лансирната рампа, каде што се наоѓа Starship, најголемата ракета некогаш направена. Во Starship треба да има место за околу илјада патници, а по лансирањето и краток лет ракетата слетува на посебна платформа. Деталите за ваквите летови се уште не се познати, а она што се знае е дека цената нема да биде за секого, а за очекување е летовите да не бидат најудобни. Имено, одредено време за време на патувањето ќе бидат во бестежинска состојба, што значи дека цело време за време на летот треба да бидат врзани на нивните седишта.
За време на ваквите летови, изјави претходно Маск, нема да може да се оди во тоалет, ниту да се служи храна, но смета дека тоа нема да биде проблем поради нивното кратко траење. Иако Маск вели дека такво нешто е веќе возможно, не е тешко да се заклучи дека ќе помине многу време додека да станат достапни вакви ракетни транспортни средства. Пред тоа, Маск и SpaceX имаат многу поважна работа – и далеку од Земјата.
Имено, Starship, чие тестирање трае изминативе неколку години, треба еднаш да ги одведе луѓето таму каде што никогаш не биле – на Марс. Амбициозниот план на Маск е да испрати беспилотен Starship на Црвената планета за две години, а ако се биде во ред, најрано во 2028 година би следела историска мисија за испраќање човечки екипаж на друга планета.
(Daily Mail)
(фото: SpaceX)