Синдикалната минимална кошница за ноември изнесува 62.021 денари, и има зголемување од 772 денари споредено со претходниот месец, соопштуваат од Сојузот на синдикати на Македонија. Како најодговорни за покачувањето на вредноста на минималната кошница се посочени трговците, кои по најавата на Владата за есенска кошница ги зголемиле цените на храната и пијалоците за 717 денари, пред да стапи на сила мерката.
„Трговците покажуваат дека немаат општествена одговорност ниту почит кон Владата, ако имаме во предвид дека вредноста на синдикалната минимална кошница во делот за храна и пијалоци, ден по завршување на мерката повторно е зголемен за 609 денари, а вкупната Синдикална минимална кошница за 772 дена“, информираат од ССМ.
Споредено со почетокот на годината- во јануари вредноста на кошницата изнесувала 57.163 денари, што значи дека зголемувањето во последните 11 месеци е 8,5 проценти, или 4.858 денари.
Вредноста на кошницата е пресметана за семејствата кои живеаат на имот во нивна сопственост и немаат кредит.
Од ССМ велат дека разговараат со Министерството за економија и труд по однос на креирањето на идните мерки но потребно е трговците или да покажат општествена одговорност или Владата при креирањето на новите мерки да биде ригорозна во постапувањето на ваквите нефер трговски практики и да казнува.
Фото – Pxhere