Министрите за енергетика и животна средина, Божиновска и Меџити сакаат да го намалат аерозагадувањето во Скопје со проект за изнајмување и споделување електрични возила.
Загадениот воздух во Скопје ќе се намалува со проект за споделување и изнајмување електрични возила. Министерката за енергетика Сања Божиновска и министерот за животна средина Изет Меџити во понеделникот потпишаа писмо со намери со словенечката компанија „Авант Кар“ која треба да го реализира првиот проект за 100% електричен кар-шеринг во Скопје.
Преку овој проект, граѓаните во главниот град на Македонија ќе имаат пристап до модерен, економичен и еколошки транспорт кој е дизајниран да го намали сообраќајниот метеж, загадувањето и зависноста од фосилни горива, се наведува во заедничкото соопштение од настанот.
„Денес го поставуваме Скопје на мапата на модерните градови кои не само што зборуваат за одржливост, туку и преземаат храбри чекори кон неа. Гужвите, загадувањето и зависноста од фосилни горива не се нешта со кои треба да се помириме”, изјави министерката Божиновска.
Систем за споделување на автомобили со 100% електрични возила на брендот „Avant2Go“ веќе функционира во Словенија, Хрватска и Австрија.
„Целта е на овој начин директно да влијаеме и да ги намалуваме емисиите на CO2 и загадувањето, што е наш приоритет како министерство. Граѓаните ќе имаат можност за поекономичен транспорт, без компромиси за животната средина“, рече министерот за животна средина Меџити.
Реализацијата на проектот е предвидена да започне со обезбедување на јавни и приватни паркинг простори и поставување на соодветна инфраструктура за полнење во неколку скопски општини.
Извор – Дојче Веле на македонски
Фото – Wikimedia