Првата фаза од пругата кон Бугарија денеска беше пуштена во употреба, станува збор за делницата Куманово-Бељаковце. Премиерот, министерот за транспорт, голем број владини и претставници од ЕУ, заедно со медиумските екипи ги извозеа првите 31 километар од пругата, вредна 78 милиони евра. Станува збор инаку за првата фаза од железничката пруга која е дел од Коридорот 8.
Надлежните велат ова е пруга која ќе значи економски напредок на овој регион, ќе значи поврзување со соседите и подобрување на животот на граѓаните. Денешниот ден го нарекоа историски потсетувајќи дека станува збор за проект кој ја преживеа транзицијата, надживеа повеќе влади и нивни ветувања.
Возовите ќе може да сообраќаат со брзина и од 100 километри на час, а на овој дел од пругата се изградени три нови железнички станици, 6 стојалишта, 5 мостови, 1 тунел.
Реконструкцијата на пругата Куманово – Бељаковце е прва фаза. Втората фаза е пругата од Бељаковце до Крива Паланка. А од Влада се надеваат дека наскоро ќе заврши и тендерската процедура од третата секција, по што земјава преку изградба на овој дел од железничката линија дел од Коридорот 8 ќе се поврзе со Бугарија.
(Канал5)