Потрошувачите ширум светот се желни да уживаат во луксузното дубајско чоколадо. Сепак, сајбер-криминалците го користат овој тренд за да измамат невнимателни клиенти. Експертите на Kaspersky открија голем број измами поврзани со зголемената побарувачка за овој производ – од погрешно претставување на познати брендови до создавање целосно лажни продавници.
Експертите на Kaspersky открија измамничка кампања насочена кон потрошувачите во Обединетите Арапски Емирати, каде што сајбер-криминалците создадоа лажни веб-страници кои се претставуваа како Deliveroo, доверлива компанија за испорака, и Fix Dessert Chocolatier, производител на познатата чоколада од Дубаи. Со имитирање на изгледот на официјалните продавници и платформи сајбер-криминалците можат да ја искористат довербата на потрошувачите и репутацијата на брендот за да ги намамат непретпазливите купувачи да платат за „нарачана“ чоколада што никогаш нема да биде испорачана.
Во други случаи измамниците создадоа целосно лажни платформи за е-трговија, претставувајќи се како независни продавачи од различни делови на светот. Овие лажни веб-страници ветуваат чоколада од Дубаи, но исчезнуваат веднаш штом ќе се изврши плаќањето, оставајќи ги потрошувачите со празни раце. Ваквите измамнички продавници се насочени кон корисници од целиот свет.
„Измамниците често многу брзо ги искористуваат трендовите, а лудилото за чоколадото од Дубаи е одличен пример за тоа. Користењето тактики што се потпираат на ентузијазмот на потрошувачите и довербата во веќе воспоставените брендови е ефикасен начин за успех на сајбер-криминалците. За да се заштитат себеси и да избегнат разочарување, од клучно значење е корисниците да обрнат внимание на деталите, да одвојат време за да ја потврдат автентичноста на е-продавницата и да бидат претпазливи за понудите кои изгледаат невообичаено дарежливи бидејќи може да се дизајнирани да измамат“, предупредуваат од Kaspersky.
(Bizlife)
(фото: Freepik)