Истражувачи од Шкотска пронајдоа обрасци во здравствените податоци кои сугерираат дека загадувањето на воздухот што го дишат децата може да влијае на нивните шанси за добивање деменција во подоцнежниот живот.
Првата индикација дека загадениот воздух може да влијае на здравјето на мозокот беше откриена пред околу 20 години, кога истражувачите открија промени во мозокот кај кучињата миленичиња во хронично загадениот Мексико Сити.
До 2022 година владиниот комитет на Обединетоѕо Кралство можеше да прегледа 69 студии. Тие заклучија дека е веројатно дека загадувањето на воздухот го забрзува когнитивниот пад во подоцнежниот живот и го зголемува ризикот од деменција. Тие пронајдоа и некои докази за промени во мозокот на децата изложени на загаден воздух.
Ото-Емил Јутила од Универзитетот во Единбург и прв автор на новата студија вели: „Иако улогата на загадениот воздух како доцен ризик фактор за деменција е опширно истражувана, помалку се знае за влијанието на загадувањето на воздухот низ целиот наш живот“.
Во 2004 година нешто повеќе од 1.000 луѓе беа регрутирани за студија за мозокот и стареењето. Сите тие се родени во 1936 година и пораснале околу Единбург. Од 70-годишна возраст тие се оценуваат на секои три години.
На првото лице му била дијагностицирана деменција во 2011 година. До 2019 година 17% од луѓето добиле деменција, околу еден од шестмина.
Следната фаза била да се утврди загаденоста на воздухот во нивните детски населби. Д-р Масимо Виено од Центарот за екологија и хидрологија на Обединетото Кралство, рече: „Во денешно време Велика Британија е земја богата со податоци, но има ограничени податоци за историската употреба на гориво, индустријата и транспортот“.
Сем Томлинсон, исто така од УКЦЕХ, додаде: „Податоците се конструирани од огромен број извори, стари списанија, книги, статистички компендиуми итн. Со оглед на суштинските врски на јаглерод диоксидот со британското население со векови, важно е да се процени колку (и каде) се вдишува јаглерод диоксид во текот на 20 век“.
Резултатите не достигнале целосна статистичка значајност, но се појавиле неколку обрасци.
Првиот и најсилен резултат бил дека загадувањето на воздухот во 1936 година било позитивно поврзано со ризикот од деменција, вклучително и Алцхајмерова болест. Во тоа време учесниците во студијата биле во утробата на нивната мајка или имале помалку од една година.
Иако не е убедливо, новата студија покажува дека истражувањето на здравјето на постарите луѓе и загадувањето на воздухот што го дишеле во минатото може да помогне да се заштитат идните генерации.
Подобриот квалитет на воздухот може да им помогне и на луѓето во подоцнежниот живот. Студиите во Франција, САД и во Кина покажаа дека намалувањето на загадувањето на воздухот може брзо да го намали бројот на луѓе кои заболеле од деменција.
(The Guardian)