Македонците од ChatMED развиваат иновативна алатка за попрецизно и поефикасно дијагностицирање на пациентите!

- Advertisement -

ChatMED ќе биде нова алатка, базирана на вештачка интелигенција која ќе треба на медицинските работници да им помогне во процесот на дијагностицирање на болестите. ChatMED е заеднички проект на повеќе држави, меѓу кои и Македонија, кој има цел да создаде функционални технолошки решенија, како и да иницира промена во начинот на перцепција и користење на вештачка интелигенција (ВИ) во медицината.

Професорката на ФИНКИ, Моника Симјаноска Мишева, координатор на проектот, вели дека ChatMED ќе ја олесни дигитализацијата на медицинската документација преку говор-во-текст и текст-во-говор технологии и ќе помага при процесот на донесување одлуки со анализа на големи количини на податоци, ќе анализира симптоми, ќе иницира дијагностички тестови и ќе насочува кон најрелевантните дијагнози, а ќе го скрати и времето на документирање, со што лекарите ќе можат да се фокусираат повеќе на третманот на пациентите.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Проф. Симјаноска, објаснете ни подетално што претставува ChatMED?

- Advertisement -

Проектот ChatMED претставува иновативна иницијатива која има за цел да го трансформира здравствениот сектор преку воведување на решенија базирани на Генеративна Вештачка Интелигенција (GenAI). Овој проект, финансиран од програмата Horizon Europe – Widening participation and spreading excellence, започна со реализација на 1 септември 2024 година. ChatMED е дизајниран да поттикне усвојување на најдобрите практики од напредните европски земји, партнери во проектот, и да го забрза процесот на дигитална трансформација во земјите во проширување.

Конкретно, ChatMED ќе им помага на лекарите во процесот на донесување одлуки со анализа на големи количини на податоци, сугерирање на можни дијагнози и препорачување на соодветни анализи за потврда или исклучување на одредени состојби. Платформата ќе обработува различни типови на медицински податоци, како што се слики, текст, аудио и видео, со што ќе овозможи интегрирано и сеопфатно разгледување на пациентот и ќе ја подобри точноста и брзината на дијагнозата. Системот ќе функционира според клинички логички процеси, почнувајќи од анализа на симптомите, иницирање на дијагностички тестови и насочување кон најрелевантните дијагнози со што ќе се намали времето потребно за поставување на точна дијагноза. Исто така, ќе го намали административниот товар со воведување на автоматизирани алатки за анализа и документирање со што лекарите ќе можат да се фокусираат повеќе на третманот на пациентите, наместо на бирократските процедури. Системот ќе ја олесни дигитализацијата на медицинската документација преку говор-во-текст и текст-во-говор технологии, што ќе им овозможи на лекарите да креираат извештаи со диктирање наместо рачно внесување. Оваа технологија веќе се тестира на Клиниката за токсикологија во Скопје во соработка со компанијата iReason.

- Advertisement -

Во моментов, ChatMED е во почетната фаза на имплементација, каде што тимот работи на воспоставување на основните технолошки и организациски капацитети. Во таа насока, веќе е реализиран воведен настан за пренесување на главната порака на проектот „GenAI for Cognitive Wellbeing“, запознавање на пошироката јавност со проектот и привлекување на интересот на засегнатите страни, особено т.н. decision-makers во здравствениот сектор. Настанот го означи почетокот на проектот и беше отворен од министерот за здравство Арбен Таравари, ректорката на УКИМ проф. д-р Биљана Ангелова и деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, проф. д-р Боро Јакимовски. 

Проектот го координира ФИНКИ – УКИМ, во соработка со реномирани институции како што се Факултетот за Медицина при Универзитетот во Ниш, Србија, Институтот Јожеф Стефан во Љубљана, Словенија и Техничкиот Универзитет во Грац, Австрија. Тимот опфаќа експерти од различни области, истражувачи, здравствени професионалци и инженери за ВИ, со заедничка визија да создадат сигурен и етички одржлив систем за автоматизирано потпомагање на донесувањето на клинички одлуки.

Како дел од раните иницијативи, постигната е успешна индустриска соработка со компанијата iReason од Скопје, која обезбедува иновативен систем за транскрипција на говор на македонски јазик, овозможувајќи дигитализација на медицинската документација преку говорна интеракција. Веќе е во тек пилот програма на Клиниката за токсикологија, предводена од проф. Д-р Андон Чибишев, каде лекарите ќе ја користат оваа технологија за транскрипција на говор при креирање на лекарските извештаи.

Дополнително, од страна на партнерите од Институтот Јожеф Стефан во Љубљана, интегрирана е платформа што им овозможува на граѓаните да поставуваат медицински прашања и да добиваат препораки за понатамошна медицинска консултација. Ова решение веќе се тестира на национално ниво во Словенија и за многу брзо ќе стане дел од ChatMED платформата што значи дека ќе може да се користи и во нашата земја. Моментално тимот на ФИНКИ во соработка со iReason работи на надградба на решението со говорни технологии и негово понудување во форма на телефонска централа со цел зголемена достапност од страна на луѓето со попреченост, но и од страна на старите лица.

ChatMED има за цел не само да создаде функционални технолошки решенија, туку и да иницира културолошка промена во начинот на перцепција и користење на ВИ во медицината. Секој нов продукт кој ќе произлезе од проектот ќе биде тестиран во реални клинички услови во соработка со здравствени установи, собирајќи драгоцени повратни информации од медицинскиот персонал за понатамошно унапредување. Со нетрпение очекуваме да го прошириме обемот на проектот и да воспоставиме уште поширока соработка со јавни и приватни здравствени организации.

Проектот ChatMED е финансиран од ЕУ и во него учествуваат и Австрија, Словенија и Србија. Како дојде до оваа соработка?

Соработката во рамките на проектот ChatMED произлезе од долгогодишни партнерства и стратешки поврзувања со реномирани европски институции. Институтот Јожеф Стефан од Љубљана е партнер со кој соработувам уште од времето на моите докторски студии. Вредната соработка што ја имавме во минатото овозможи одржување на контактите и природно проширување на нашите заеднички истражувачки интереси во рамките на овој проект. Од друга страна, соработката со Факултетот за Медицина при Универзитетот во Ниш започна по една посета во Брисел, каде што заедно со сегашниот координатор на партнерот од Факултетот за Медицина во Ниш бевме поканети како евалуатори на една од програмите. Овој настан ни овозможи да ги увидиме потенцијалите за унапредување на нашите земји и да воспоставиме стратешки односи со земјите членки на ЕУ, со цел да ги научиме механизмите за имплементација на напредни здравствени системи во практиката.

Поставувањето на систем базиран на ВИ во пракса бара многу повеќе од само развој на функционален софтвер. Потребно е темелно разбирање и усогласување со ЕУ регулативи како што е AI Act и GDPR, и обезбедување доверливост на здравствените податоци. Нашата соработка со партнерите од Австрија, Словенија и Србија ни овозможува заеднички да ги адресираме овие предизвици и да целиме кон имплементирање на најдобрите европски практики во локален контекст.

Употребата на вештачката интелигенција во полза на медицината е тренд секаде во светот. Кои се очекуваните резултати од ChatMED?

ChatMED има за цел да внесе суштинска промена во изградбата на постојните модели, ставајќи го докторот во центарот на процесот. Ова значи дека тимот на инженери ќе работи на темелно разбирање на начинот на кој докторите размислуваат и носат одлуки. Платформата ќе биде мултимодална, овозможувајќи обработка на различни видови на медицински податоци, вклучувајќи слики, текст, аудио и видео записи. Таа ќе функционира во согласност со работната логика на докторите – почнувајќи со прибирање на симптоми, иницирање на потребните анализи и постапки, и постепено стеснување на опсегот на можните дијагнози врз основа на добиените резултати. Со ваквиот пристап, платформата ќе овозможи попрецизно и поефикасно дијагностицирање, притоа почитувајќи ги стандардите за безбедност и етика во медицинската пракса. Сѐ што ќе произлезе од работата на проектот ќе биде во согласност на принципите на отворена наука.

Дали алатката ќе биде насочена кон одредена гранка на медицината или ќе биде употреблива во сите области?

За да имаме поголема контрола над квалитетот на платформата, ChatMED во својата почетна фаза е фокусиран исклучиво на областа на неврологијата, каде што ќе се развиваат и тестираат напредни модели на ВИ со мултимодални способности. Овој фокус е избран бидејќи неврологијата е една од најсложените медицински области, барајќи интеграција на различни типови податоци, како што се слики (MRI, CT), електрофизиолошки податоци (EEG, EMG), генетски анализи и клинички белешки. Интересно е тоа што во литературата сѐ уште има многу малку истражувања кои ги поврзуваат големите јазични модели и неврологијата, па нѐ чека навистина голем предизвик. Иако почетниот фокус е на неврологијата, платформата ќе биде дизајнирана така што во иднина може да се прошири на други медицински области, овозможувајќи интеграција во различни специјалности како што се кардиологија, онкологија и интерна медицина.

Кога се очекува овие решенија да бидат расположливи за користење?

ChatMED ќе се развива во следните три години, со завршен рок на проектот на 31 август 2027 година. За време на овој период, тимот активно ќе работи на идентификација и надминување на сите бариери за имплементација на вакви решенија во клиничката пракса.

Првите продукти од ChatMED се очекува наскоро да бидат подготвени за пилот фаза, која ќе овозможи тестирање во реални клинички услови. Оваа фаза ќе биде клучна за препознавање на потенцијалните предизвици и недостатоци поврзани со очекувањата и перформансите на моделите на ВИ. Врз основа на повратните информации од здравствените професионалци, ќе се спроведуваат неопходни подобрувања и адаптации пред официјалното пуштање во продукција.

Нашиот пристап вклучува итерирано развивање, при што продуктите ќе се објавуваат во фази, овозможувајќи рани кориснички фидбеци и брза адаптација на потребите на здравствените институции. Ова значи дека одредени функционалности, како што се автоматизираната транскрипција на медицински извештаи и поддршката при клиничко одлучување, ќе бидат достапни уште во почетните фази на проектот.

Сите новости ќе бидат соодветно објавени на веб страницата на проектот www.chatmed-project.eu, како и на социјалните мрежи Linkedin, Threads, Facebook и Instagram.

Сподели!
- Advertisement -