Стефани Пренкова рачно изработува уникатни саксии од рециклирани материјали

- Advertisement -

Индоор Гарден е семејна компанија која креира одржливи садови за растенија и декоративни градини за ентериер инспирирани од уметноста на флората. Еколошките саксии се изработуваат рачно, во сопствено производство кое го негува концептот на одржливост, преку употреба на природни ресурси и примена на циркуларна економија.

Стефани Пренкова, ко-основач на Индоор Гарден, вели дека еко декоративните градини за ентериер и одржливите садови од една страна, и дале можност да си ја исполни својата долгогодишна желба да стане цвеќарка, но од друга страна и дале шанса да даде свој придонес за намалување на глобалниот проблем со отпадот, преку рециклирање и реупотреба на пластиката.

- Advertisement -

Разговарање- Сања Наумовска

Стефани, во уникатниот зелен концепт на Индоор Гарден, градините во одржливи еколошки садови имаат главен збор. Кажете ни нешто повеќе за нив.

- Advertisement -

Семето на Индоор Гарден е вкоренето во зен филозофијата која прерасна во волшебен спој на истокот и западот. Од ова семе процвета јапанди колекцијата на декоративни садови за растенија, црпејќи инспирација од јапанди стилот на уредување на просторот и негувајќи го концептот на одржливост преку максимизирање на употребата на природни ресурси во процесот на производство на садови за растенија.

Благодарение на цутењето на оваа колекција брендот нурна во хармонична мешавина на едноставноста на јапонскиот стил, суштината на ваби-саби филозофијата и привлечноста на несовршеноста, со топлината и удобноста на скандинавското хиге. Бидејќи како тим сме фанови на подарување, со приказна зад секој сад и секое растение издвојуваме посебна симболика, што дава дополнителна вредност за сите оние што обожаваат да подаруваат (и себеси и на другите) со длабоко значење.

- Advertisement -

Како дојдовте на идеја да креирате мали градини за ентериер и да произведувате токму ваков тип саксии?

Инспирацијата доаѓа од флората, одржливоста и целиот концепт на циркуларна економија. Светскиот проблем со загадувањето и потребата за делување во корелација со животната средина, се меѓу клучните фактори кои секојдневно не мотивираат. Исто така тука е и фактот дека голем дел од луѓето повеќето од времето го поминуваат во затворен простор, заради што се отвора потребата за внесување на дел од природата во ентериерот. Сите тие се главните движечки фактори за формирање на Индоор Гарден. На тој начин мојата желба да станам цвеќарка, со поддршка од сите мои драги и блиски личности, стана реалност.

Што е тоа што ги прави уникатни садовите на Индоор Гарден?

Нешто што особено се истакнува во однос на Индоор Гарден е сопственото, рачно производство и желбата за примена на одржливоста во целиот процес на работењето. Она што ги издвојува садовите за растенија е токму специјалната мешавина од која што се изработени. Иако основата на материјалот е цемент, сепак ние целиме кон намалување на процентот кој го употребуваме во смесата со која ги произведуваме садовите. Заради тоа активно работиме на зголемување на размерот на природни материјали што го внесуваме во производството на нашите саксии. Крајната цел ни е, секако, да стигнеме до титулата одржливи садови за растенија.

Кои материјали планирате да ги употребувате за да ја достигнете одржливоста кон која целите?

Следната колекција е плод на силната желба за делување во корелација со животната средина и создавање на еко садови кои се одржливи и пријатели на природата. Тоа планираме да го постигнеме со употреба на отпадот како ресурс и примена на циркуларна економија. Садовите, кои се во завршна фаза на развој, ќе бидат рачно изработени од специјална мешавина на ситни гранули од рециклирана пластика, природни материјали и бетон. На овие иновативни садови се работи преку реализираниот проект ко-финансиран од Индоор Гарден и Фондот за иновации и технолошки развој – ФИТР.

Вашата идеја беше препознаена и како еден од финалистите на натпреварите за зелени идеи на Арно. Што значеше тоа за вас?

На натпреварот Зелени Идеи организиран од АРНО аплициравме две години по ред со две идеи, од кои со двете стигнавме до финална фаза. Тоа за нас значеше силна поддршка, признание и препознавање, а секако и значајна мотивација да ги реализираме идеите во блиска иднина.

Како компанија која цели кон намалување на отпадот и рециклирање, како гледате на начинот во кој функционира современото македонско општество во поглед на одржливото живеење?

Гледаме будење. Гледаме и сѐ повеќе пријатели на природата и приближување кон природата кај поединци во нашето опкружување. Секако, сѐ уште има голем простор што треба да се пополни на оваа тема, за да дојдеме до посакуваното ниво на живеење во согласност со природата и принципите на одржливост. Ние, во Индоор Гарден, со нашата работа и нашите заложби, и секако со нашите саксии, кои секојдневно ќе ги гледаат во својот дом или работно место, до луѓето кои ни се клиенти на непосреден начин ги доближуваме овие принципи.

Какви се вашите планови за понатаму?

За голема среќа брендот Индоор Гарден има неисцрпни извори на креативност. Можеби затоа што го следиме своето “икигаи”, сплет на она што го сакаме, она што знаеме да го правиме и она што му е потребно на опкружувањето, а тоа е неопходност од одржливост пред сѐ и живеење во корелација со животната средина. Имаме идеи, желби и планови исто така, но ќе оставиме простор за мистерија.

Сподели!
- Advertisement -