Успешното слетување на лендерот Blue Ghost на Месечината е снимено во неверојатно видео кое трае речиси три минути, објавено од компанијата Firefly Aerospace.
Месечевиот лендер Blue Ghost на Firefly влезе во историјата кога слета на Месечината на 2 март, станувајќи само второто приватно вселенско летало што го направило тоа. Слетувањето се случи во регионот Маре Крисиум, огромна лунарна рамнина позната како Море на кризи.
Мисијата е дел од иницијативата на американската вселенска агенција НАСА, Commercial Lunar Payload Services (CLPS), која има за цел да ги поттикне иновациите на приватниот сектор во истражувањето на Месечината.
Успешното спуштање и слетување на лендерот беше снимено во речиси триминутно видео објавено од Firefly на социјалните мрежи. На снимката се гледа како лендерот се приближува до површината на Месечината, како и облаци од лунарна прашина што се издигаат додека потиснувачите на леталото се приближуваат до површината.
„По идентификувањето на опасностите од површината и изборот на безбедно место за слетување, Blue Ghost слета директно над целта. Имаме лунарна прашина на нашите чизми“, изјавија од Firefly.
Blue Ghost беше лансиран на 15 јануари со помош на ракетата Falcon 9 на SpaceX и е опремен со десет научни инструменти на НАСА. Овие инструменти се дизајнирани да проучуваат различни аспекти на лунарната средина, вклучително и протокот на топлина од внатрешноста на Месечината и интеракциите помеѓу моторните гасови и површината на Месечината.
Набргу по слетувањето, Blue Ghost се фати за работа, а неговите инструменти почнаа да собираат вредни податоци.
Ова успешно слетување не само што означува значајно достигнување за Firefly, туку ги поставува и темелите за идните мисии на Месечината како дел од програмата на НАСА Artemis.
Мисијата на лендерот ќе трае 14 дена, а нејзината цел е да придонесе со клучни сознанија кои ќе ги поддржат напорите за воспоставување одржливо човечко присуство на Месечината.
(Klix.ba)