Земјите-членки на Европската унија денеска во Брисел гласаа за воведување контратарифи на Соединетите Американски Држави за увоз на нивни стоки со проценета вредност од 23 милијарди долари, кои се контрамерки за царините за челик и алуминиум што на Европската унија и ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп.
Царините ќе стапат во фази, едната на 15 април, втората на 15 мај и третата на 1 декември. Европската комисија, како извршно тело на Унијата, сè уште нема објавено список на американски стоки погодени од европските царини.
Членките на ЕУ ја потврдија својата подготвеност да преговараат со САД за трговските прашања.
„Европската унија смета дека американските царини се неправедни и штетни и дека нанесуваат економска штета на двете страни, како и на глобалната економија. Унијата изразува јасна посветеност за изнаоѓање решение со САД во преговорите што ќе бидат избалансирани и заемно корисни“, се наведува во соопштението од Брисел.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, им понуди на САД договор за целосно меѓусебно укинување на тарифите за индустриски стоки, вклучително и автомобили. Сепак, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека тоа не е доволно за Америка.
Фото – Norske leksikon