Фондот за иновации и технолошки развој и Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ, денес потпишаа договор за соработка со цел унапредување на дигиталната трансформација и иновацискиот капацитет на македонските компании.
Со оваа соработка, ФИТР ќе го преземе кофинансирањето на проектот ИНОФЕИТ ЕДИХ (европски дигитален иновациски хаб), кој претставува водечка платформа за дигитална трансформација, иновации и технолошки развој во Македонија. Проектот ќе се спроведува од страна на конзорциум предводен од ИНОФЕИТ. Целта е да се обезбеди стратешка поддршка за микро, мали и средни претпријатија и јавни институции, унапредување на нивната конкурентност преку користење на напредни дигитални технологии.
„Овој договор претставува ново поглавје во заедничките напори за развој на одржлива, конкурентна и технолошки напредна економија, преку здружување на развојните политики, инфраструктура и знаење на ФИТР и ИНОФЕИТ. Денес отвораме нови хоризонти за нашите компании да добијат пристап до најсовремени технологии, обуки и финансии – тоа што им е потребно за да растат и да бидат конкурентни. Верувам дека токму преку ваквите партнерства градиме нова, дигитална, иновативна и европска економија” изјави Никола Додов, вд директор на Фонд за иновации и технолошки развој.
„Со денешниот договор се обезбедува национално кофинансирање на ИНОФЕИТ ЕДИХ за 2025 и 2026 со што нашата држава покажа дека цврсто стои зад напорите за дигитална трансформација, поддршка на иновациите и зголемувањето на конкурентноста на нашите компании. Поддршката од државата е доказ за визијата и препознавањето на капацитетите на ИНОФЕИТ и неговата улога во процесот на зголемување на иновативноста и развојот на дигитални услуги во македонското општество. Изразувам голема благодарност до ФИТР за поддршката на проектот” изјави проф. Димитар Ташковски, директор на ИНОФЕИТ.
„Нашиот центар за трансфер на технологии и иновации уште еднаш покажа дека е лидер во македонскиот иновациски екосистем со добивањето на проектот за воспоставување на првиот ЕДИХ во Македонија. Кофинансирањето од ФИТР е суштинско за непречено одвивање на проектните активности и спроведување на проектните цели во насока на дигитална и зелена трансформација на нашето општество. Воспоставувањето на инфраструктура како ЕДИХ е значаен чекор кон напорите за доближување до европските практики за развој на иновации и трансфер на технологии” изјави проф. Владимир Атанасовски, декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).
Во рамки на својата мисија, ИНОФЕИТ ЕДИХ нуди услуги како што се: тестирање пред инвестирање – пристап до лаборатории и дигитални алатки за експериментирање со иновативни технологии, развој на дигитални вештини – обуки и тренинзи во клучни технолошки области како вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, роботика. ИНОФЕИТ ЕДИХ исто така обезбедува поддршка за пристап до финансии – помош при идентификација и искористување на можности за финансирање преку грантови, европски фондови и инвеститори и вмрежување и градење на иновациски екосистем – организирање на настани и хакатони за поттикнување на соработка и размена на знаење.
ИНОФЕИТ ЕДИХ е дел од европската мрежа на дигитални иновациски хабови, ко-финансиран од Европската комисија преку Програмата за дигитална Европа 2021–2027 и Владата на Република Македонија. Во следните четири години, центарот ќе обезбеди над 300 бесплатни услуги во вредност од 2 милиони евра, насочени кон дигитализација и технолошки напредок.