Соединетите Американски Држави и Кина се договорија меѓусебно да ги намалат царините за увезените производи за 115% во период од 90 дена, изјави денеска во Женева министерот за финансии на САД, Скот Бесaнт.
„И двете страни имаат интерес за урамнотежена трговија“, посочи тој.
Договорот следуваше после преговорите меѓу претставниците на двете страни во текот на викендот. Ова е значајна деескалација во трговската војна која започна минатиот месец, оценува британскиот весник The Guardian, потсетувајќи дека САД претходно ги зголемија царините за Кина на 145%, а Пекинг возврати со царини од 125% за увоз на стоки од САД.
Белата куќа синоќа соопшти дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп постигнала трговски договор со Кина за време на разговорите во Женева во неделата и дека имало продуктивни дискусии во Женева.
Бесант вчера изјави дека е постигнат значителен напредок во многу важните трговски преговори меѓу САД и Кина.
Тој беше во Швајцарија минатиот викенд на дводневни трговски разговори со Кина на неутрален терен. Во американската делегација беше трговскиот претставник Џејмисон Грир, а кинеската делегација беше предводена од вицепремиерот Хе Лифенг.
За време на овие разговори двете страни разговарале како да се деескалира трговската војна, која се заканува да предизвика голема штета на глобалната економија.
(Kamatica)
(фото: Wikimedia)