И покрај инфлацијата, високите каматни стапки и зголемената неизвесност поради глобалните трговски тензии, имплементацијата на бизнис-идеи во Европа е сè уште возможна – ако знаете каде да погледнете. Иако многу земји бележат пад на расположливиот капитал поради кризата со трошоците за живот, некои земји нудат исклучително поволни услови за претприемачите.
Европската унија ја зголеми својата поддршка за малите и средни претпријатија во последниве години преку програми како што се EIC Accelerator, Horizon Europe, Women TechEU, како и платформи како Your Europe Business Portal и Enterprise Europe Network. Според Европската комисија, во моментов има околу 35.000 стартапи во рана фаза во ЕУ.
Според Светска банка, клучните фактори вклучуваат леснотија на започнување бизнис, добивање градежни дозволи, пристап до електрична енергија и кредити, плаќање даноци, заштита на инвеститорите, како и ефикасноста на увозот/извозот и решавањето на неликвидноста, пишува Euronews.
Каде во моментов е најлесно да се основа компанија?
Естонија – Оваа балтичка земја е во првите редови на деловната дигитализација. Благодарение на програмата за е-резиденција, странците можат да регистрираат компанија онлајн од каде било во светот. Речиси 98% од фирмите се основани по електронски пат, а данокот по задршка не се наплаќа.
Ирска – Ирска е атрактивна поради ниската стапка на корпоративни даноци (12,5%), високото ниво на дигитализација и членството во ЕУ, Еврозоната и ОЕЦД. На претприемачите од ЕУ и од неколку други земји не им се потребни деловни лиценци, а државата инвестира во околу 200 стартапи годишно.
Бугарија – Оваа земја нуди исклучително ниски административни трошоци, данок од само 10% и можност за далечинско регистрирање на компанијата. Водењето бизнис е дополнително олеснето со ниските трошоци за живот и стратешката локација кон Балканот и Блискиот Исток.
Холандија – петтата економија на ЕУ нуди бројни стимулации за иновативни бизнис-идеи, вклучително и даночните олеснувања од 30% за странски работници и субвенции за развој на технологијата. Иако данокот е поголем (25,8%), локацијата и пазарниот потенцијал ја оправдуваат инвестицијата.
Данска – Една од најлесните земји за основање компанија, често во рок од само неколку часа. Стабилната економија, флексибилниот пазар на труд и високата доверба меѓу партнерите дополнително го поттикнуваат претприемништвото.
Велика Британија – Основањето компанија е можно во рок од 24 часа, а државата нуди даночна поддршка и средства за стартапи. Покрај тоа, постои силна мрежа на инвеститори, а даночниот систем е јасен и ефикасен.
(Bizlife)
(фото: Wikipedia)